Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија- САДУ испрати отворено писмо до јавноста и министерот за информатично општество и администрација, Дамјан Манчевски во кое најавуваат нивно радикализирање доколку тој не се повлече од притисокот.
-Во многу наврати изминативе две години низ официјални состаноци разговаравме за моменти во кои не се согласуваме. Немајќи разбирање од Вас се одлучивме да ја информираме целокупната јавност во Македонија за да ја дознае вистината и Вашиот неискрен, манипулативен однос кон сите вработени во јавниот сектор. Имено, ветувавте две години дека ќе ги вклучите синдикатите во функционалните анализи.
За функционалните анализи е направена методологија преку европски проект со европски средства, но сега негирате и сето тоа го спроведувате преку обични аналитички листови како анкети каде давате можност на именуваните и избраните лица од ваша страна да направат политичка чистка и да го клекнат јавниот сектор на колена. Само не ни е јасно кого сега излажавте, нас или Европската унија, се вели во отвореното писмо.
Од САДУ нагласуваат дека едно е јасно, дека Манчевски го држи јавниот сектор под притисок.
-Целиот јавен сектор е на доволно високо интелектуално ниво за да можете да си земете за право да не уценувате и манипулирате, па затоа Ви кажуваме и Ве предупредуваме да ги остварите и реализирате вашите ветувања, во спротивно доколку со вашите квази-синдикалци, кои веќе се препознаени од целиот јавен сектор, се обидете да направите упад и не ги спроведете вашите јавно дадени ветувања, ние длабоко ќе се радикализираме за што верувајте само Вие ќе бидете виновни за таквите дејствија во предизборен период. Затоа час поскоро повлечете се од Вашата нечесна игра и низ конструктивен и фер социјален дијалог и партнерство со сите релевантни фактори, за што зборувате во изминативе години, да изнајдеме конструктивно решение прифатливо за сите. И на крај да Ве прашаме дали овие секојдневни огласи и вработувања во јавниот сектор ќе бидат предмет на функционалната анализа или пак тие, затоа што се со предзнак непотизам се исклучени од секоја анализа или отказ како што се уценуваат другите вработени во јавниот сектор, а некои си квази-синдикалци за лични интереси го одобруваат сето ТОА, се вели во соопштението.