Актуелно 24.08.2018 09:32

Пратениците до понеделник треба да кажат дали ќе водат кампања

Пратениците до понеделник треба да кажат дали ќе водат кампања

Ноќеска на полноќ истече рокот за пријавување за гласање на дијаспосрата за престојниот референдум и за увид во Избирачкиот список. До Државната изборна комисија до вчера напладне биле доставени 2.437 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

Најголем број пријави се за гласање во Берн – 256, Љубљана – 213, во Лондон – 127, во Торонто – 136, Виена – 108, Канбера 99…, а  најмалку се поднесени во Талин, Киев и Приштина – по една пријава,  и Њу Делхи, Каиро и Сараево – по две пријави.

Гласањето во странство ќе се спроведе на 29 септември во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во кои се прифатени најмалку 10 пријави за гласање.

Од ДИК информираат и дека до средата вкупно 4.959 граѓани извршиле увид во податоците во Избирачкиот список. Најголем број граѓани увид извршиле во Струмица – 509​, Битола – 454, Карпош – 431.

Од Владата вчера соопштија дека на последната седница донела одлука со која го задолжила Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва, односно од ставката – функции на државата од буџетот на Министерството, кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања на Собранието како овластен предлагач на референдумот.

– Средствата во износ од 80 милиони денари што Владата ги обезбеди за Собранието за кампања за референдумот се за пратениците и политичките субјекти кои се избрани на последните парламентарни избори, истакна денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Овие средства, потенцираше Бошњаковски, се од ставка од тековниот Буџет и нема потреба за ребаланс на Буџетот. Кога ќе бидат префрлени парите на Собранието се уште нема информации. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие, како што кажа портпаролот на Владата, ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пак вчера достави известување до пратеничките групи во кое бара во рок од три дена да одговорат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот која треба да ја спроведе Собранието, како и за тоа каква кампања ќе водат, дали ќе бидат „за“ или „против“ референдумското прашање.

Известувањето е упатено до координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Беса, како и до пратениците на ДПА и Алијансата за Албанците.

Рокот од три дена Џафери им го дава на координаторите на пратеничките групи за да го известат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда и за тоа дали ќе водат кампања „за“ или „против“ референдумското прашање заради планирана и соодветна распределба на овие средства за реализација на јавната пропаганда.

Собранието во средата формираше Координативно тело за спроведување на референдумот на државно ниво на 30 септември и водење на јавна кампања, а со него ќе раководи Џафери. Негови членови ќе бидат потпретседателите и координаторите на пратеничките групи

Најнови вести