Лозарите и покрај средбата која ја имаа со премиерот Зоран Заев најавија нови протести бидејќи не биле исполнети нивните барања за откупната цена на грозјето. Токму овој проблем на лозарите покажува уште еднаш дека премиерот на Република Македонија, Зоран Заев едно зборува кога е во опозиција, а друго прави кога е на власт.
Премиерот Зоран Заев кажа дека не можел да интервенира во цените бидејќи така може да го наруши пазарниот принцип на државата. Но, лозарите паметат и што зборуваше Заев пред нешто помалку од две години имаше друг став околу прашање, тогаш бараше директна интервенција од страна државата.
-50-тина милиони килограми црно и бело грозје, кои што се останати во тиквешкиот крај и по цела Македонија да бидат откупени. Се работи за интервенција од не повеќе од 10 милиони евра. Самото панорамско тркало е 18 милиони евра, ако не и повеќе. Сите овие непродуктивни трошоци, кои што се трошат одат во неповрат, имаме живи луѓе, наши граѓани на кои што треба да им помогнеме. Јас верувам дека ќе се смогнат сили директно да се интервенира и да се откупи ова грозје, таму каде што има простор да се складира, за да може дел по дел да се обработи во вино и да биде продадено на пазарите ширум светот, изјави на 27.09.2017 година, Зоран Заев тогаш лидер на опозицијата.
Иако тогаш бараше интервенција од државата, во изјава пред два дена вели дека таква интервенција била противзаконска и би можела да биде казнета со казна затвор. Во јавноста гласно се поставува прашањето дали Заев нема општи познавања од правото, со барањето од 2016 година или пак тоа било само празен популизам, со цел да се дојде гласовите на граѓаните.
-Јас не можам реално вечерва да кажам слушајте дадено е, не е чесно. Не сум сам што носам одлуки, има закони во државата, се работи за јавни, трошењето на јавни пари ако не е по закон се смета за ненаменско и незаконско трошење пари и се одговара по закон со казна затвор. Затоа мора да се донесат соодветни одлуки и слично. Ќе направиме се, гледате малку ли се производителите на слива и таму интервенираме, малку се производителите на други производи и таму интервенираме, не само за големите производи. Реално, грозјето ни е еден од најстратешките производи. Да може ние како да гарантираме цени, тоа би го направиле, ама пазарна држава, која е ориентирана према пазарот не може да го прави тоа, изјави Зоран Заев пред два дена, само сега од позиција на премиер на државата, а не лидер на опозицијата.
Здружението „Вина од Македонија“ соопшти дека доколку ваквите закани се остварат тие ќе значат стопирање на годинешниот откуп на грозје, што, според нив, ќе нанесе непоправлива штета на домашната винска индустрија, но и на лозарството.
Крајниот ефект од притисоците и заканите кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, кои се повторуваат скоро секоја година и се далеку од каква било пазарна логика, доведува до нивно финанско исцрпување и пропаѓање. Ваквата ситуација ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството затоа што без домашни винарници кои можат да ја издржат жестоката конкуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето, се вели во соопштението.
Моменталната миниминална цена на овие две сорти е 11 денари за смедеревката, а 13 за вранецот.