Финансии 20.07.2018 12:05

Секој секому должи, па позајмува да се раздолжи: Каква е ликвидноста во македонската економија

Секој секому должи, па позајмува да се раздолжи: Каква е ликвидноста во македонската економија

Во законот е 60 дена, но компаниите си ги плаќаат меѓусебе фактурите и за двојно повеќе денови. Ако немаат пари за да го исполнат рокот, позајмуваат од банките. Ликвидноста ја одржуваат со нови кредити. Години по донесувањето на Законот за финансиска дисциплина ретко која фирма нема долг постар од два месеци, па и од четири. Тужби не си поднесуваат и сами се договараат да се плати. Друга е приказната со долговите од државните институции и јавните претпријатија – тие сепак уште должат повеќе. Нема нов податок колкав е просекот на наплата меѓу компаниите, а Народнаа банка ќе го објави најевројатно месецов. Според постари податоци од 2016 година за наплата фирма во земјава чека по над 110 дена. Ситуацијата, според сведочењата од компаниите не е посјајна и сега.

ЗЕМААТ КРЕДИТ ДА СЕ РАЗДОЛЖАТ

Од Стопанската комора на северо-западна Македонија велат дека нивото на наплата на побарувањата не е на ниво која би требало да биде во стабилни економии.

„Побарувањата помеѓу компаниите се различни во однос на меѓусебен договор кој се движи од 7 до 60 дена и во најголем број од случаи компаниите се придржуваат на крајниот рок, т.е поради тешкоиите дури во последните денови од рокот се извршуваат наплатите и тоа во бројни компании со краткорочни кредити, но во однос на наплатат на побарувањата од државните институции тие немаат конкретен лимит на времетраење на наплати. Побарувањата на компаниите кон државните институции се дури и повеќегодишни што дополнително ја отежнува работата на деловната заедница. Но во првото полугодије сепак нивото на наплата е подобра споредбено се првото полугодие од 2017 година, велат оттаму.

Има изразена неликвидност и тоа се одразува на вкупната финансиска кондиција на претпријатијата, потврдуваат и од Стопанската комора.

„Нередовноста во извршувањето на должничко-доверителните односи во земјата, се’ уште, е доста изразена во корпоративниот сектор. Еден од горливите проблеми со кои се соочуваат фирмите е како да ги наплатат продадените услуги и производи и како да останат ликвидни. За да се намалат негативните финансиски последици и да се подобри моменталната финансиска состојба, барајќи излез од настанатата ситуација, кај компаниите се зголеми потребата од краткорочно финансирање и кредитирање под услови штоне значи дека им одговараат во потполност, но на тоа се приморани за да не направат застој во производниот процес и тековното работење. На преземање вакви чекори воглавно се сведува “снаодливоста“ на компаниите за да го надминат проблемот со неликвидноста, а доверителите всушност се и “жртвите“ на ваквите состојби, велат за Фактор од Стопанската комора.

Оттаму додаваат дека со законот за финансиска дисциплина малку се средиле работите, иако и тие и бизнисмените до Стопанската комора на северозападна Макеоднија признаваат дека овој закон не ги дал очекуваните резултати.

КАЈ НАС НЕКОЛКУКРАТНО ПОДОЛГО

Според податоци од извештајот за финансиска стабилност кој го објавува Народнатаа банка во 2016 година, во земјава во корпоративниот сектор се потребни 116 дена за наплата на побарувањата. Ако станува збор за извозно ориентираните компании рокот е 79 дена.

Податоци пак за наплатата на долговите меѓу фирми во развиените земји покажуваат дека таму рокот е значајно понизок. Така, во Германија за наплата се чека по 25 дена во просек, во Шведска по 30 дена, во Австрија 34 дена, во Франција 42 дена во просек. Во соседна Грција тој просечен рок е околу 60 дена, додека во Италија е 85 дена.

Македонските стопанственици сведочат дека генерално ситуацијата не е сјајна оти засега нема работа, туку само очекувања дека нешто ќе биде подобро поради одлокирањето на евроинтегративниите процеси.

„Стопанството е некако подзастанато и во очекување на позитивни придвижувања, нема нови договори, работа. Ликвидноста е слаба иако ако се зборува за наплатата различно е за со секој клиент. Некои се доста ажурни, додека други не плаќаат. Генерален е ставот дека доцни наплатата, ама работите се решаваат со позајмици, со кредити, вели Горан Антевски, Раде Кончар.

Дел од бизнисмените велат дека се уште поголем проблем е да се земат парите од јавните претпријатија.

„Поголемиот проблем е наплатата на побарувањата од државните инстуции за кои на бизнисите единствен инструмент за наплата е „времето„ т.е треба да се чека додека државата ќе им наплати и секако во поголем дел од институциите продолжува ненавременото плаќање на обрврските спрема деловниот сектор, велат од Стопанската комора на сверо-западна Македонија.

Од Министерството за финансии за Фактор велат дека според нивната евиденција од одделот Трезор поднесените барања за плаќања од страна на буџетските корисници се реализираат непречено односно дека немало доцнење.

„Заради техничките можности на постојниот систем Министерство за финансии не располага со податоци за временскиот период за постапување по фактурите доставени од договорните страни до буџетските корисници, односно истото е надлежност и одговорност на секој буџетски корисник“, додаваат оттаму.

Законот за финансиската дисциплина подразбира приватните субјекти со договори да се обврзат да си ги платат меѓусебните обврски во рок од 60 дена или да се договорат меѓусебно да го сторат тоа за максимум 120 дена. Во договорите меѓу јавните претпријатија и приватните фирми рокот не смее да е подолг од 60 дена. Почетниот износ за одмерување на глобите изнесува 10.000 евра за економски оператор од приватниот сектор- трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност и е регистрирано согласно закон доколку не ја исполни паричната обврска во законски утврдените рокови.