Актуелно 13.12.2018 09:41

Сезона на подароци: внимавајте – играчките може да бидат опасни

Сезона на подароци: внимавајте – играчките може да бидат опасни

Во период пред новогодишните празници драстично се зголемува продажбата на детски играчки. Тие се подарок што најмногу ги радува најмладите, но неретко можат да бидат опасни. Мора да се внимава дали се за соодветната возраст, каков состав имаат, каде се произведени.

Играчките како потенцијална опасност

Организацијата на потрошувачите (ОПМ) секој година добива десетици поплаки од родители за квалитетот и безбедноста на играчките што ги купиле или ги добиле на подарок.

„Ќерка ми доби кукла на подарок од една пријателка. Без размислување и ја дадов веднаш да си игра со неа, но по неколку дена кога случајно се натопи со вода почна да пушта боја и чудно да мириса. Веднаш ја фрлив плашејќи се дека можеби е токсична. Незгодно ми беше да ја прашам пријателката од каде ја купила куклата, но знам дека во иднина многу повеќе ќе внимавам со што и давам да си игра“ вели мајка на четири годишно девојче.

Од ОПМ велат дека тие само ги проследуваат поплаките до надлежните институции и ги советуваат потрошувачите за нивните права и за следните чекори што може да ги преземат. Оттаму објаснуваат дека начелно во земјава играчките се безбедни, но како и секаде се случуваат исклучоци.

„Здравјето и безбедноста на вашето дете треба да биде на прво место. Тие допрва почнуваат да учат за животот и за светот околу себе и затоа родителите се тие кои треба да бидат внимателни наместо нив“, велат во ОПМ.

Играчката мора да биде соодветна на возраста

Можеби најважно правило е она дека играчката мора да биде соодветна на возраста на детето. Законот предвидува ова да го пишува и на самото пакување. Често се случува играчката да содржи и ситни делови кои се потенцијална опасност за голтање или задушување и затоа одредени производи не смеат да се даваат на дечиња помали од 12 или од 36 месеци.

За помалите деца треба особено да се внимава и на материјалот од кој е направена играчката, доколку лесно се кине или крши може да се распарчи на помали делчиња кои повторно се потенцијална опасност за најмалите.

Инспекторите ставаат особен акцент на играчките

Во Државниот пазарен инспекторат велат дека постои строга контрола на играчките што се увезуваат и што се продаваат во земјава. Секоја мора да има ознака CE (Conformite Europeen) и сертификат  за  исполнување на стандардите  на сообразност утврдени со нашата легислатива.

Сертификатите за сообразност ги обезбедуваат тела за оцена на сообразноста и тоа врз основа на поднесено барање од производителот или застапникот на производителот. Изјавата за сообразност содржи: податоци за производителот (име, адреса), идентификација на производот (тип, модел), примена на стандард или директива, број на тело за оцена на сообразност (ако е вклучено), име и потпис на давателот на изјавата.

Државниот пазарен инспекторат ги врши контролите според Правилник за безбедност на детски играчки објавен кој изготвен во 2010-та во кој се пропишани суштествените барања, кои треба да ги исполнуваат детските играчки, постапката, начинот и условите под кои се врши оцена на сообразноста, упатување на употреба на стандарди и други технички спецификации, формата и содржината на техничката документација, како и начинот и времетраењето на нејзиното чување и заштитна клаузула.

Покрај редовните се спроведуваат и вонредни инспекциски надзори над детските играчки и по пазарите и низ трговските објекти низ Република Македонија.

Доколку со физичкиот преглед кој ги опфаќа  хигиенските, хемиските,  електричните, физичките  својства, означувањата – декларациите, предупредувањата, возраста за која се наменети, односно со лабораториското испитување на мострите се утврди дека производите се здравствено  небезбедни, се дава забрана и се врши нивно поништување, односно враќање во земјата извозник, односно се  преземаат прекршочни санкции во согласност со законската регулатива.

Инспекторатот во текот на својата работа ги следи и известувањата добиени  на RAPEX системот за небезбедни играчки (систем за брзо информирање за производите кои претставуваат сериозна опасност) и презема мерки кои се во негова надлежност, а со цел заштита на здравјето на децата.

Доколку царинскиот орган се посомнева дека производот што треба да се увезе во државата е небезбеден, доколку тој  не е придружен со документ за сообразност  и нема СЕ ознака, ја известува пазарната инспекција.

Македонија ги применува европските правилници

Законот за заштита на потрошувачите во Македонија е целосно усогласен со регулативите на Европската Унија во овој дел. Тој има цел дел посветен на оваа проблематика. Предвидува дека играчката треба да биде тестирана за основните безбедносни и здравствени услови пред да биде пуштена во промет.

„Детската играчка не смее да биде пуштена во промет ако не ги исполнува основните безбедносни услови во однос на механичките, физичките, хемиските, електричните и хигиенските својства“ стои во Законот.

Играчките треба да бидат дизајнирани и произведени на начин кој ги исполнува стандардите за хигиена за да се избегне било каков ризик за инфекции, болести и контаминација.

Играчките за деца до една година треба да бидат изработени од материјал што може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот. Влакненцата од играчките и косата на куклите не смеат да паѓаат при чешлање и кубење. Боите на играчките не треба да содржат мириси и да се симнуваат при триење со памук, миење со топла вода и сапун и дезинфицирање.

CE (ЦЕ) – ознака која потврдува европски стандард

Кратенката CE (ЦЕ) потекнува од француската фраза Conformité Européenne што значи европска усогласеност. Ова подразбира усогласеност со здравствените, безбедносните и еколошките стандарди за заштита на Европската Унија. Се применува за повеќе групи производи, не само за играчките.

Оваа ознака покажува дека играчката е произведена според добро дефинирани стандарди за намалување на физичките, хемиските, електричните и здравствените ризици.

Сепак, ознаката само применува некои безбедносни аспекти во врска со нормалната состојба и ракување со играчката и не претставува индикатор за квалитет.

За играчките кои ја немаат оваа состојка нема гаранција дека не содржат штетни состојки како олово, формалдехид, амини, бои.

Хемискиот состав не е единствениот на кој треба да се внимава. Механичкиот состав односно ситните делови можат да предизвикаат сериозни проблеми, да предизвикаат задушување доколку децата ги голтнат.

Како да ги заштитите децата?

Купувајте исклучиво во легални продавници, чувајте ја фискалната сметка, внимателно читајте ги декларациите, погледнете за која возраст е наменета играчката, обрнете внимание на обликот и материјалот од кој е изработена, имајте предвид дека CE (ЦЕ) означува само дека производот ги исполнува минимум безбедносните стандарди но сепак не купувајте играчки без оваа ознака, ако забележите небезбедна играчка веднаш пријавете во Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547 или во Организацијата на потрошувачите на 02 / 3179 – 592.