Актуелниот директор на државниот катастар Борис Тунџев, кадар на СДСМ, во 2011 година, во улога на геодет, утврдил дека Космос на Фијат Цаноски е дивоградба, односно дека има 1 метар и 43 сантиметри разлика на котата за подземните гаражи во однос на добиената градежна дозвола. Овој писмен доказ на СЈО денеска беше презентиран во скопскиот кривичен суд од страна на обвинителството, за случајот познат во јавноста како ТНТ.
Според одбраната доказите на обвинителството се само потврда дека СЈО сами си го „минираат“ обвинението, бидејќи како што тврдат бранителите материјалните докази кои треба да се во полза на обвинителството, само го потврдуваат тоа што за цело време го тврдат обвинетите и адвокатите дека рушењето на Космос било основано бидејќи станувало збор за дивоградба. Документот на Тунџев беше само дел од доказите што денеска се читаа во Судот, откако претходно имаше обид од СЈО, материјалните докази да не се читаат во целост. Одбраната жестоко реагираше бидејќи како да стана пракса, за случаите на СЈО, единствено таканаречените бомби да се слушаат во судската сала, а материјалните докази да поминат само со читање на насловите или регистарските броеви.
Според одбраната фирмата на Цаноски, добила дозвола според која морала да изгради три нови подземни гаражи. Но, кога копале на висина доволна за две нивоа подземни гаражи, се појавила вода, инвеститорот за да избегне дополнителни трошоци од 2 милиони евра, одлучил наместо три да изгради две нивоа подземни гаражи. Инспекторите во општината го откриле тоа, а инвеститорот побарал промена на веќе постоечката градежна дозвола, но не му било дозволено бидејќи тоа било незаконски. Цаноски тужел но случајот го загубил на сите судски инстанци. Во случајот ТНТ, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште 5 лица.