Барам неотповиклива оставка на Директорката на Централен регистар, г-ѓа Марија Бошковска Јанковски, поради НЕ почитување на Законите и вработување спротивно на Закон, ова денеска преку прес-конференција го истакна дополнителниот министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска- Стојковски.
-Во последните 3 години, бурно реагирав на бруталната партизиција која се спроведува во институциите но најгласна бев за самоволието и незаконското работење на функционерите на власта кои ги злоупотребуваат институциите за партиски цели. Денес ќе обелоденам како незаконски се вработуваат партиски послушници во Централен регистар на сметка на професионалци и стручни кадри. Имено, согласно законот за централен регистар, вработените се административни службеници и како и сите други институции, директорот е должен, да подготват годишен план за вработување врз оснава на Методологија. Постапката за донесување на планот е уредена со закон и има глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за функционерот кој раководи со институцијата, ако:
– не го донесе годишниот план за вработувања или спроведе постапка за вработување без годишен план
– не ја спроведе постапката за донесување на годишниот план за вработувања;
– не изврши избор во согласност со планот, вели Стаменковска- Стојковски.
Таа додава дека Централен регистар, спротивно на Законот за вработените во јавниот сектор, во континуитет од 2018 година до денес објавува огласи согласно Закон за работни односи на неопределено време и вработува незаконски. При тоа го изигрува Законот за административни службеници и ја избегнува постапката за вработување во Агенција за администрација.
-Имено, ЦР донесува Годишен план за вработување за 2018 година на ден 11.07.2018 во кој планира 6 пензионирања и 2 најавени заминувања а имаат потреба за вработување на 38 нови вработувања, за што на 23.07.2018 година добиваат позитивни мислење од МИОА иако се пробиени сите рокови од законот. Со доставување на измена на Годишен план за вработување за 2018 година, на ден 10.10.2018 година, го зголемуваат вкупниот број на нови вработувања од 38 на 42 нови вработувања и за измената добиваат позитивно мислење на ден 15.10.2018 година. Парадоксално постапување од страна на функционерот на Централен регистар е тоа што заклучно со 09.10.2018 година (6 дена пред да добијат позитивно мислење за измената на Годишниот план за вработување за 2018 година), имаат објавено оглас согласно Закон за работни односи за вработување на 54 извршители и тоа 34 на неопределено и 20 на определено без да посочат во огласот заради која причина имаат потреба за пополнување на работните места на определено време. Годишен план за вработување за 2019 година, имаат доставено на 30.07.2019 година и имаат добиено негативно мислење на 22.08.2019 година, поради НЕ почитување на рокови од законот. Годишен план за вработување за 2020 година, Централен регистар го имаат доставено на 18.11.2019 година, и имаат добиено негативно мислење на 25.11.2019 година. Со повторно доставување на Годишниот план за вработување за 2020 година, на ден 27.11.2019 година, МИОА спротивно на првото мислење кое е негативно на чудесен начин на 17.12.2019 година, даваат позитивно мислење за 20 нови вработувања. Планирано во овој Годишен план имаат, 2 пензионирања во 2019 година и 2 пензионирања во 2020 година, што е спротивно на методологијата. Повторно на 03.01.2020 година, Централен регистар објавува јавен оглас за вработување на неопределено време за 20 извршители и наместо во Агенција за администрација, јавниот оглас се објавува спротивно на Законот за централен регистар и Законот за административни службеници и спроведуваат постапка по Закон за Работни Односи, рече Стаменковска- Стојковски.
Таа додава дека Централен регистар и директорката, иако во целост го имаат усогласено Законот за централен регистар и Правилник за систематизација на работните места со ЗАС и ЗВЈС, поднесуваат Годишен план за вработување, но не ја водат постапката согласно Закон за административни службеници и уредбата, не пречено од надлежните инспекциски органи, вработуваат како да се приватна компанија и партиска канцеларија, колку сакаат и како сакаат.
-Државен управен инспекторат, иако е должен да спречи и да ги поништи ваквите незаконски огласи, до сега ја толерираат оваа институција и функционерот кој раководи со истата. Согласно претходно кажаното, јасно опишувам незаконски донесување на Годишен план, незаконско објавување на јавен оглас за вработување и вработување надвор од планираните во Годишен план за вработување и врз основа на незаконска постапка, со што освен прекршочна постапка, постојат сериозни индиции за кривична одговорност и поради тоа, со претставка ќе ги известиме, Државен управен инспекторат, Државен инспекторат за труд, ДКСК и Јавното обвинителство, рече Стаменковска-Стојковски.