Актуелно 25.10.2018 14:27

Текстилна индустрија – низа проблеми во секторот што вработува 50 илјади луѓе!

Текстилна индустрија – низа проблеми во секторот што вработува 50 илјади луѓе!

Текстилната индустрија вработува над 50 илјади луѓе, а токму наоѓањето нови работници е еден од главните проблеми со кои се соочуваат компаниите. Владата најавува мерки за поддршка на секторот.

Низа проблеми во текстилната индустрија

При стапка на невработеност од 21.1% текстилните фабрики не можат да најдат квалификуван кадар, а го губат и оној што веќе го оформиле. Речиси никој не сака да седне зад машините за шиење за платите што се нудат иако тие бележат зголемување.

За една година просечната месечна плата во секторот производство за текстил пораснала за 14.9% и достигнала 19.494 денари. Кај производството на облека растот е 14.2%, а просекот се искачил на 15.366 денари. Ова се статистичките податоци кои се однесуваат на август годинава во споредба со истиот месец лани. Значителниот раст пред се се должи на зголемувањето на минималната плата. Сепак, и релативно високите примања не се доволен мотив за голем дел од невработените.

„Изминатите 10 години годишно за пет до шест отсто се намалува бројот на работници во кожарството и производството на облека. скоро и да нема млади кои сакаат да ја учат оваа струка и да работат во секторот. Само за пример во компанијата која ја водам на оглас за обука на кадар се јавија 36 луѓе од нив 17 прифатија да се обучуваат, а само 11 од нив по проверките беа избрани за обуката“ изјави неодамна Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија при Стопанската комора.

Со ова се согласуваат и во Кластерот за текстил.

„Текстилните фабрики навистина имаат проблем, особено со она што значи шивачки, моделари, односно со она што значи директна работна сила. Состојбата не е сјајна ниту со високо стручниот кадар, но не е толку алармантна како со работниците во директното производство“ објаснуваат оттаму.

Дополнителен проблем за домашните компании е и конкуренцијата од странските инвеститори. Бизнисмените велат дека во слободните зони има многу поволности и олеснување, па таму се нудат и малку повисоки плати – работниците им бегале за разлика од 1.000 до 2.000 денари.

Текстилците мака мачат и со осовременување на производствените капацитети. Бараат државата да ги помогне при набавката на нова автоматизирана опрема, но и ослободување од ДДВ за трговските фирми кои извезуваат текстил и облека.

Нови мерки за поддршка на секторот

Владата најави нови мерки за поддршка на секторот – замрзнување на придонесите кое треба да стартува од наредната година.

„Со замрзнување на придонесите за вработените со плати од 12.000 до 18.000 денари ќе се овозможи примањата да растат, а придонесите да останат исти, со исклучок на работниците кои нема да го сакаат тоа“ вели Ангел Димитров.

„Оваа мерка може да даде најдобри резултати бидејќи парите кои се наменети за придонеси ќе бидат искористени за повисоки плати на вработените. Но и оваа мерка има слабост односно работниците ќе имаат пониска пензиска основица. Лично сметам дека и тоа може да се реши со тоа што ќе им се даде на работниците да бираат дали сакаат повисока плата или повисока основица за пензиско осигурување“ дообјаснува тој.

Според Стопанската Комора првата владина мерка за финансиска помош за исплата на минималната плата не дала резултати во текстилната индустрија, зашто за неа прво биле предвидени шест милиони евра, потоа износот бил намален на 600.000, а исплатени се само околу 180.000.

Втората мерка за помош за платите повисоки од минималната која се применува од јули годинава според бизнисмените е подобра, но и таа нема да ги даде саканите резултати зашто ги исклучува работниците вработени од ланскиот октомври до сега.

Текстилните фабрики вработуваат околу 50 илјади луѓе

И покрај сите предизвици бизнисмените од овој сектор се оптимисти.

„Во иднина секторот дополнително ќе се развива, мора да се работи на зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови за што е потребна и поддршка, не само финансиска. Сето тоа во моментов е во зачеток, но јас верувам во иднината на оваа гранка“ вели сопственик на конфекција од Штип.

Текстилната индустрија во земјава игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Текстилната индустрија ангажира околу 46.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

Производство на текстил во првите осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани бележи зголемување од 11.2%, додека производството на облека намалување од 6.7%.

За истиот период извозот достигнал 386 милиони долари што е зголемување за 14.8 отсто, а претставува 9.8 проценти од вкупниот извоз на Македонија. Увозот, пак, бил 382.7 милиони долари.

Најголем дел од извозот е лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали.