Њујорк го зголеми своето водство како главен финансиски центар во светот, додека Лондон едвај се задржа на второто место пред Хонг Конг.
Неизвесноста во поглед на Брегзит зазема сè поголем данок кога станува збор за британскиот главен град, покажаа денес објавените резултати од едно истражување.
Њујорк ја зголеми својата предност над Лондон за 17 поени, додека силните перформанси од другите градови, особено Париз, ја загрозија втората позиција на Лондон во рамките на индексот Глобални финансиски центри (GFCI) пресметана од истражувачката група Z/Yen.
Хонг Конг сега е на само два бода зад Лондон, каде за финансиските експерти е клучно прашање дали излегувањето на Британија од Европската унија на 31 октомври ќе го попречи слободното движење на талентите, се додава во истражувањето.
Во рамките на индексот GFCI рангирани се 114 финансиски центри врз основа на анализа на проценки од експерти на финансискиот сектор и база на податоци, објави агенцијата Reuters.
“Испитаниците веруваат дека Њујорк, Хонг Конг и Сингапур ќе имаат значајна корист од Брегзит.
Во Европа, се смета дека најголема корист има Франкфурт, а потоа следи Париз, Луксембург, Цирих и Даблин”, се вели во студијата.
„Сингапур, Шангај, Токио, Пекинг, Дубаи, Шенжен и Сиднеј ги сочинуваат преостанатите неколку градови во првите топ десет финансиски центри. Подемот на Шенжен, Дубаи и Сиднеј ги тргна Торонто, Цирих и Франкфурт од првите десет“, се додава во истражувањето.