Американскиот производител на популарните камери „GoPro“ ќе премести поголем дел од своето производство надвор од Кина во текот на следното лето, претворајќи се во еден од првите производители на електроника, кој превзема слично решение за минимизирање на влијанието од ескалацијата на трговската војна, пишува „Bloomberg“.
„Денешната геополитичка бизнис средина бара флексибилност“, коментира главниот финансиски директор Брајан Макги. „Ние работиме проактивно, почитувајќи ги стравувањата околу царините“, вели тој.
Компанијата треба да одлучи каде да ги премести своите производни операции.
Трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот ги направи стоките произведени во Кина за над 250 милијарди долари поскапи во Северна Америка. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе наметне давачки за сите стоки што доаѓаат од Кина.
На 1-ви декември, Трамп и кинескиот претседател Си Џинпин се согласија да го одложат порастот на царините за 90 дена. Но апсењето на главниот финансиски директор на „Huawei“ по барање на американските власти ги обнови стравувањата од идна ескалација на тензиите.
Акциите на „GoPro“ паднаа за 1,3 отсто на 4,91 долари во Њујорк. Од почетокот на годината цената на акциите опадна за 35 отсто.
„Тоа е знак дека компаниите во технолошкиот синџир на снабдување не се доволно убедени дека наскоро ќе имаме јасна резолуција во однос на трговската војна“, коментира Џо Витин, аналитичар на „Longbow Research“.
Компанијата со седиште во Сан Матео, Калифорнија, тврди дека очекува пренасочувањето на производството во САД да е со „релативно ниска цена“, бидејќи „GoPro“ е сопственик на опрема за производство. Камерите за други земји ќе продолжат да се произведуваат во Кина, додаде компанијата.
Во третиот квартал, повеќе од 40% од нејзините приходи потекнуваат од Америка, 25% од регионот Азија-Пацифик.