Младите земјоделци апликанти за мерката млад земјоделец која платежната агенција ја објави уште во октомври 2018 година се уште чекаат одговор, истакнува Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Веќе девет месеци чекаат известување дали се избрани или не за грант од 10.000 евра. Иако власта со објавување на огласот во дневниот печат се обврзала одлуката за тоа кој е избран, а кој не, да ја донесе во рок од три месеци, сега и по цели девет месеци од објавувањето на повикот немаме никаков епилог. Стотина можеби и илјада млади земјоделци се во неизвесност и не знаат како да ги распоредат планираните средства за инвестиција. Власта издиша. Буквално се посрамоти. Се редеа Љупчо Николовски, Стефан Богоев и кој ли уште не, да не убедуваат колку успешно ќе го терале овој проект, сега откако ништо не мрднаа од мртва точка никаде ги нема, првиот додуша се сокри и избега на Бихачка, затоа што ништо од она што го ветуваше како министер не исполни. Ништо подобар не е ни неговиот наследник Димковски. Ги прашуваме министерот Димковски и директорот на платежната Бабовски има или не средства во програмата за оваа мерка? Доколку има зошто е во застој, доколку нема, зошто нема иако е ветено и распишан повикот? Дополнително треба да одговорат Николовски, Димковски и Бабовски дали чекаат да се доиспразнат македонските села, па да нема на кого да ги исплатат средствата или пак чекаат одлука на локалните ограноци на СДСМ,за тоа да кажат кого е подобен а кој не, рече тој.
Трипуновски порачува: „На земјоделците сте им преку глава“.
-Земјоделецот го донесовте на питачки стап, луѓето немаат леб да јадат, а вие се луксузирате во удобните климатизирани канцеларии. Време е за оставки. СДСМ носи само стагнација на македонскиот аграр затоа немојте да се мачете , и немојте да ги мачете ни македонските земјоделците. Заминете си додека е време, порача тој.