Актуелно 08.02.2019 15:19

Владата бара рудниците да плаќаат за 75% поголеми концесии

Владата бара рудниците да плаќаат за 75% поголеми концесии

Владата бара поскапување од 75% на износот на концесиите кои ги плаќаат рудниците за експлоатација на металични  и неметалични суровини. За сопствениците на рудниците, пак, ова барање е неприфатливо. Велат знаат дека треба да плаќаат повеќе, но за нив зголемувањето е преголемо. Се предлага поголем надомест за концесија од сегашните 2% на 3,5 отсто од годишните приходи на концесионерот за металични суровини. Сопствениците на рудниците пак сметаат дека треба да плаќаат според на богатството на рудата што ја експлоатираат.

„Во Владата ќе предложам средствата од секое зголемување на надоместоците наменски да се користат за животната средина, здравството и образованието“ – рече министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот.

„Доаѓам од рудникот Бучим кој експлоатира апсолутно  најсиромашна руда на бакар во светот. Не сакаме да бидеме мерени со рудници кои имаат двапати и трипати поголема содржина. Мислам дека е добра концесијата што ја плаќаме сега,  а новопредложената е многу иако во принцип прифаќаме зголемување. Тоа ќе се обидеме да го покажеме со бројки и анализи“ – рече Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство.

Во наредниот период ќе се бара решение и за рудникот Иловица. По бурните реакции на еколошките организации дека ваквиот тип на рудници ќе предизвикаат еколошки штети, а можат да завршат и потрагично како што тоа беше случај минатата недела во Бразил кога попушти брана на рудник при што загинаа 40 лица, министерот за економија уверува дека ќе се најде решение што нема да биде погубно за околината.

„Како Министерство и Влада во неколку наврати сме кажале дека ќе го слушаме гласот на народот за рудниците. Утре заедно со премиерот Заев Заев ќе имаме состаноци со граѓаните на струмичките села на кој отворено ќе разговараме што како Влада ќе предложиме и каков е интересот на граѓаните. Ќе го презентираме и интересот на државата, имајќи во предвид дека за рудникот Иловица се планира да се ивестираат над 350 милиони евра“ – рече министерот за економија Бектеши.

„Луѓето во Иловица што реагираат за браната и велат дека е иста како онаа во Бразил што попушти можеби се во право, но има начин како од таму да се извади рудата и да се преработува централизирано во Бучим. Треба да има еден сопственик на рудниците и да се окрупни рударството. Не е битно дали сопственикот на Бучим ќе им го продаде ним или ќе ја купи Иловица. Со тоа се создава можност да се направи  преработувачки капацитет за 30.000 тони бакар, а во Неготино има два комбината за преработка на бакарна жица, а во Радовиш капцитет за преработка на злато кој не работи“ – вели Николајчо Николов од МАР.

Преговорите околу Тарифникот за концесиски надоместоци почнаа денеска, а за неколку месеци треба да се знае на кој начин ќе се пресметуваат концесиите и за колку ќе бидат повисоки од сегашните. Инаку државата по овој основ годишно наплаќа од 8 до 10 милиони евра. 78% од парите од концесиите се слеваат во општините, а 22 отсто во државната каса.