Владата не се гледа ни физички, а ни по дела, смогот го голта Скопје, а власта не прави ништо. Нивото на канцерогените ПМ10 честички во раните утрински часови во Скопје, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци и Куманово е и до 15 пати над дозволеното. Болниците се полнат, сообраќајки се случуваат заради намалената видливост, а Заев и Шилегов со прст не мрдаат, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски кој додаде:
„Загаденоста е директна последица на Зоран Заев, кој и овозможи на бизнис олигархијата блиска до врвот на СДСМ да гори кокс со 18% сулфур и обоен текстил кои никаде во Европа не се горат и се носат тука во Македонија. Граѓаните се трујат. Труе власта. Состојбата е алармантна и потребни се итни мерки.“
Стоилковски потенцира дека со цел превентивна заштита на граѓаните потребна е итна имплементација на следните три мерки:
1. Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП додека загадувањето не се намали и состојбата со загадениот воздух во Скопје не се нормализира;
2. Инспекциски надзор и затворање на погоните кои што загадуваат;
3. Ослободување од работа на луѓе над 60 годишна возраст, хронично болни и трудници.
-Овие мерки Зоран Заев и Петре Шилегов треба да ги прифатат и да стапат на сила уште веднаш. Неспособноста нивна и игнорантскиот однос не донесе до овдека. Потребно е итно делување, дополни Стоилковски.