Актуелно 11.06.2019 15:43

Властите „слепи“: Се сруши летниковец во новоотворениот туристички инфоцентар на Осогово (ФОТО+ВИДЕО)

Властите „слепи“: Се сруши летниковец во новоотворениот туристички инфоцентар на Осогово (ФОТО+ВИДЕО)

Со финансиска поддршка од Програмата за зачувување на природата во Македонија, што се реализира во соработка со Швајцарскиот секретаријат за економски работи- СЕКО, на Осоговските Планини во октомври 2018 година беше отворен нов туристички информативен центар.

На промоцијата на инфоцентарот „Пониква“, присуствуваа заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефане Томажиан, амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар и министерите за локална самоуправа и за земјоделство, Сухејл Фазлиу и Љупчо Николовски, а беше истакнато значењето на проектот за регионот.

-Инфоцентарот ќе придонесе кон промоција на природното богатство од регионот и начините на неговото одржливо управување и користење, ќе даде значителен придонес и кон подигање на свеста за зачувување на природата и за збогатување на туристичката понуда на Источниот плански регион. Со неговото интегрирање кон веќе познатите туристички атракции на Осогово, тој ќе придонесе и кон поддршка на локалниот економски развој, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Но, деновиве посетителите на Осоговските планини се сведоци на напуштен објект по само 8 месеци од неговата промоција.

Најавите и ветувањата на градоначалникот дека туристите ќе можат да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали во Инфоцентарот „Пониква“ се срушија исто како летниковецот кој беше изграден пред неполни 8 месеци.

Веќе неколку денови посетители на Осоговските планини испраќаат слики и јавуваат за срушен летниковец во Инфоцентарот „Пониква“, но локалната власт предводена од градоначалникот Николчо Илијев останува глува на реакциите на посетителите.

За да биде срамот поголем локалната власт го гледа срушениот летниковец online на веб страната osogovo.mk преку стримот од поставената камера и не презема никакви активности.

Неодговорноста и неспособноста на локалната власт на чело со градоначалникот Николчо Илијев започна да достигнува епохални размери.