Единствените реформи кои одродената и криминогена власт ги реализираше во овие неполни две години се криминалните тендери, непотизмот, злоупотребата на институциите и општиот грабеж на народните пари, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на брифингот на Владата на Република Македонија.
-Реформите за оваа влада се само мртво слово на хартија. Половина мандат им помина, а од извештајот на Прибе не е остварена ниту една значителна реформа. Довербата на граѓаните во институциите е се помала, а Македонија тоне на листите на корупција. Целата неспособност и неодговорност која што ја демонстрираа јасно покажува дека оваа влада не е реформска, туку е анти-реформска. Македонија е заложник на криминалниот картел на власта кој секој ден го гледа како нова можност да додели тендер за некоја семејна фирма на висок владин функционер, да додели грант или да вработи некој нивни близок роднина во државна институција за висок хонорар. Впрочем оваа Влада нема апсолутно никаков капацитет да овозможи приближување до европските стандарди, затоа што под европски вредности не се подразбира доделување на тендери на фирмите на вицепремиерот, доделување на концесии на братот на премиерот, сомнителни зделки во здравството, образованието и секој сегмент во државата, се наведува во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека реформите во правосудството ги води Зоран Заев, единствениот политичар аболиран за тешки криминали.
-Оваа влада предводена од Заев е канцер кој ја зафати целата држава. Заради арамилакот тоне економијата, а тоа го покриваат со зголемување на даноците или нови задолжувања на грбот на се посиромашните граѓани. На граѓаните им останува само својот гол живот да го сочуваат, но и тоа им е се потешко бидејќи убиствата станаа секојдневие, по улиците хараат криминалците кои се пуштени од затворите, а рекетот и насилството ги полнат страниците на црната хроника, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.