Актуелно 10.08.2018 12:00

Вработување, недостасуваат стручни работници и занаетчии

Вработување, недостасуваат стручни работници и занаетчии

Пазарот на труд има потреба од занаетчии, а од друга страна реалниот сектор е преплавен со економисти и правници. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека граѓаните најмногу интерес имаат за работно место – програмер, сметководител, економисти и правници, фармацевти и графички дизајнери. Но, спротивно на ова, најчести сектори каде невработените наоѓаат нова работа, според координаторот на активните мерки за вработување Виолета Стојановиќ, се во трговијата на големо и мало, преработувачката индустрија, градежништвото, угостителството и транспортот.

На пазарот на труд секогаш, значи континуирано се барани работници од занимањата бравар, монтер, заварувач, ѕидар, лимар, пекар. Тоа ни се занимања кои постојано ни се побарувани – изјави Виолета Стојановиќ Агенција за вработување.

На интернет страницата на Агенцијата за вработување стои дека во моментов на пазарот на труд има околу 8.500 слободни работни места кои ги пријавуваат работодавачите од приватниот сектор. Се обидовме да поразговараме со дел од граѓаните кои ги затекнавме во Агенцијата, но никој не сакаше да каже колку време чека и бара ново вработување. Затоа пак, Стојановиќ беше искрена во одговорот и потврди дека главна причина зошто младите не прифаќаат стручна дејност е ниската плата.

Младите лица бараат слободни работни места и би прифатиле работа која е поплатена, но тоа зависи од нивното занимање, од работните места кои се нудат. Настојуваме тоа да биде во согласност со нивниот профил на занимање, вештините, дополнителните сертификати кои ги имаат добиено – рече Виолета Стојановиќ Агенција за вработување.

Заклучно првото тромесечие годинава, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во земјава изнесува 21,6%. Речиси 750 илјади лица се во редовен работен однос, а нешто над 200 илјади бараат ново работно место.

„И покрај континуираниот пад на стапката на невработеност во земјава, дел од меѓународните извештаи за пазарот на труд изразија загриженост поради високата невработеност кај младите луѓе, а особено кај женската популација.“

За да се подобрат состојбите на пазарот на трудот експертите веќе подолг период препорачуваат поголема соработка помеѓу образовните институции и приватниот сектор, за младите што побрзо и поефикасно да се вклопат во реалниот сектор.

Извор:Алсат М