Актуелно 05.02.2019 11:40

За една третина зголемени трошоците за новогодипно украсување

За една третина зголемени трошоците за новогодипно украсување

За една третина се зголемени трошоците за новогодишното украсување за дочекот на 2019, а општините и град Скопје склучија договори во вкупна вредност од околу 615 илјади евра, вели Центарот за граѓански комуникации.

За разлика од претходната година кога улиците и плоштадите за Новата година ги красеа градот Скопје и 18 општини во вкупна вредност од 474 илјади евра, сега, за дочекот на 2019 година тендери за украсување спроведоа 26 општини и Градот Скопје во вкупна вредност од 615.020 евра што е за 30% повеќе од минатата година. Дури 55% од парите за новогодишно украсување се потрошија во Скопје и тоа од градските власти и од општините: Карпош, Аеродром, Чаир, Гази Баба, Бутел и Шуто Оризари. Само Град Скопје потроши околу 260 илјади евра што е за 33% повеќе од минатата година.

Гледано од аспект на фирмите кои украсуваат за Нова година, најголем дел од парите ќе завршат кај скопската фирма Линк Медиа Плус која за два договори (со Градот Скопје и со Општина Струмица) ќе добие над 300 илјади евра, а најголем број договори и тоа дури 11 во вкупна вредност од 185 илјада евра има фирмата Метал-Вет-Ел од Скопје. (Подетален приказ е даден во базата на податоци која е во отворен формат). Само три општини ги објавија огласите за јавни набавки за новогодишно украсување на крајот од октомври (Охрид, Кавадарци и Прилеп). Сите останати општини тоа го сторија во ноември, а некои дури и во првите денови од декември. Така, во тендерите на општините Неготино, Шуто Оризари, Карпош и Радовиш крајните рокови за прибирање на понудите истекуваа во периодот од 10 до 20 декември 2018 година.

По Градот Скопје, вредносно најголемиот договор го има склучено Општина Струмица и тоа со истата фирма, Линк Медиа Плус, во вредност од 40 илјади евра. На трето место по големината на договорот е Општина Аеродром каде вредноста со пресметан ДДВ изнесува 31 илјада евра и носител на договорот е скопската фирма Метал-Вет-Ел. Истата фирма е носител и на четвртиот по големина договор за новогодишно украсување и тоа на Општина Охрид во вредност од 30 илјади евра. На петто место е договорот за украсување на Кавадарци, а носител на овој договор е скопската фирма Хонор ДОО во вредност од 24 илјади евра. Во групата на тендери за набавка на услугата за новогодишно украсување чија вредност со ДДВ е над 20 илјади се и тендерите за украсување на општините Куманово (спроведен од ЈП Куманово паркинг) и Чаир. Договорот за украсување на Општина Чаир е веќе склучен со скопската фирма Метал-Вет-Ел, а истата фирма најверојатно е носител и на договорот склучен со ЈП Куманово паркинг.