Актуелно 12.11.2018 23:18

Заев не го интересира гневот на родителите на убиените момчиња од Смилковско и екстрадицијата на убијците од Косово

Заев не го интересира гневот на родителите на убиените момчиња од Смилковско и екстрадицијата на убијците од Косово

За случајот „Монструм“ во претходна постапка, предмет на анализа биле возилата „опел омега”, „голф 3″, „пежо 306″ и „мазда 626″.

Првиот вештак, вработен како началник во Оддел за криминалистичко-технички работи, вршел дактилоскопски анализи, односно анализа на отпечатоци од прсти и траги, како што кажа, на возило „пежо 306″ и предметен материјал земен од него, како и на возило „мазда 626″ со сина боја.

На прашање од Судот, вештото лице кажа дека останува на исказот даден пред истражен судија на претходна постапка.

– По извршената анализа. Трагите од капиларни линии кои се категоризирани како подобни за идентифилација на лица се внесени во систем при што е извршена идентификација со лицето Алил Демири и лицето, внесено од СВР Куманово како Нухии Бујан, за кого не е утврден точен идентитет, изјави вештото лице.

Посочи дека, трагите на дел од материјалите докази од возилото „пежо 306″, како сметки и потврди, се совпаднале со тие на лицето Самир Љута, кое е подоцна внесено во системот за анализа од СВР Скопје.

Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, на почетокот информира дека се уште нема одговор на барањето за екстрадиција на двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство на Косово. Сите останати обвинети се присутни во судница.

Застапници на обвинението од Специјалното јавно обвинителство се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Фетаи, на почетокот, објасни дека тефтерот што беше покажан на минатото рочиште е од листата на одземени докази од сопругата на Африм Исмаиловиќ при претресот на неговиот дом.

Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка. Семејствата на убиените на минатото рочиште реагираа за темпото со кое се води случајот, а обвинителката Фатиме Фетаи побара од судот да бидат закажани повеќе рочишта наеднаш.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Премиерот Зоран Заев на неколку пати до сега имаше средби со косовскиот премиер Рамуш Харадинај но на ниедна од средбите не стана збор за екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се кријат во Косово и останува нејасно зошто премиерот Зоран Заев не побара екстрадиција на првообвинетите за случајот „Монструм“?

„Косовскиот Премиер Рамуш Харадинај на семејствата на терористите дојдени од Косово во Диво Насеље им додели финансиска помош, а косовските правосудни органи одлучија да не и ги екстрадираат на Македонија Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотна казна затвор за масакрот кај Смилковско езеро. Зоран Заев на семејствата на брутално егзекутираните момчиња на велики четврток им ја вети вистината, а сега ги крие имформациите со кого од неговата коалиција контактирале убијците”, реагираа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Ваквата одлука беше дочекана со шок и неверување кај семејствата на убиените момчиња кај Смилковско Езеро. Таткото на убиениот Александар Наќески, Горан во потресно телефонско сведочење за Алфа јасно го искажува своето незадоволство од како што вели лажните ветувања на премиерот Зоран Заев. Тој во скандалозната одлука на судот гледа како на политички пазар меѓу ДУИ и СДСМ.