Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев одбива лидерска средба околу прашањето на името на државата, што носи кон претпоставка дека Владата крие нешто околу преговорите за овој спор. Одбивањето на лидерска средба само по себе буди многу сомнежи во јавноста, граѓаните прашуваат зошто премиерот Заев и неговата влада одбиваат лидерска средба, иако сите ги гледаат пишувањата по медиумите.
Македонската јавност веќе и со страв прашува што Владата договара со Грција, бидејќи од таму не даваат скоро никакви информации, а во грчките медиуми на големо се пишува дека двете држави се блиску до договор.
Грчките медиуми веќе на големо пишуваат дека Македонија и Грција се пред договор за ново име, договор кој ќе значи дека нашата држава ќе го промени уставот. Премиерот Заев веќе најави дека Македонија со менувањето на името би добила имотен лист, а претходно веќе ретерираше околу ставот за одржување референдум за името и навести прифаќање на промена на уставот.
-Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвора и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија, рече Заев во интервјуто за РСЕ.
Инаку, грчкиот весник „Та Неа“ веќе почна да пишува дека Македонија го менува ставот за употребата на уставното име во внатрешноста на земјата.
Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.
-При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија), пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата.
Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, „Та неа“ пишува дека за Македонија да ги направи овие отстапки, бара да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.
– Во однос на двегодишниот период, Атина молчи. Сепак, според информациите велат дека би можело да се согласи на еден неопходен временски период што ќе го побара другата страна (една година на пример) за време на кој ќе се направат чекори кон имплементација на комплетниот обврзувачки договор, што ќе се постигне на почеток, за секој пат да се спроведуваат договорените точки, а не за нив одново да се разговара, пишува весникот и објаснува дека е потребен комплетен договор, обврзувачки временски период само за имплементација, а тоа е „патот по кој би можело Скопје да стигне до официјална покана за интеграција“.
Поради овој став на македонската Влада, во јавноста се поставува прашањето, кој може да гарантира дека Грција во тие две години нема да ги промени своите барања, да ги зголеми своите апетити и да побара уште поголеми отстапки.
Поради овие нови информации кои протекоа во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ побара итна лидерска средба околу прашањето за името.
На прес конференција вчера генералниот секретар на опозициската партија, Игор Јанушев кажа дек премиерот Заев и владата во континуитет демонстирааат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тој вели дека тие на почетокот имаа ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување на референдум, но во периодот кој измина гледаме како овие ставови не само што бледнеат туку и истите се напуштаат.
-Евентуалното постигнување на договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските. Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги има добиено од владата која ги води преговорите за името се оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи со почетокот на месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите ниту новите детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите, вели тој.
Јанушев истакна дека во Македонија има дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам.
-Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец. Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски ја прекинува својата работна посета на Република Италија и средбите кои што ги имаше со македонската дијаспора и веќе е на пат за Македонија. Потребни се одлуки, порача генералниот секретар на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба.
– Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, и на која би присуствувал и претседателот на државата господинот Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација. Зоран Заев иако е премиер, тој го нема монополот во името на целата држава, власта, опозиција, политички определените или неопределените да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор, да биде ставање на целата држава пред свршен чин, порача Јанушев.
Барањето за итна лидерска средба беше одбиено од Владата, од таму велат дека средбата ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Во меѓувреме, додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот, кажаа за МИА од Владата во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна лидерска средба за преговорите за името.
Иако информациите во грчките медиуми велат друго, од Владата информираат дека секогаш навреме информираат кога има значаен развој во текот на преговорите.
-Владата на Република Македонија како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот кој го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ја информира и јавноста, односно граѓаните на РМ, наведуваат од Владата на РМ.
Ако се земат во предвид информациите кои доаѓаат од грчките медиумите, како и ставот на Владата дека се уште нема промени во преговорите за кои би требало граѓаните и опозицијата, тогаш се поставува прашањето на што се темели оптимизмот на премиерот Заев, дали тој блефира со иднината на државата или пак е одлучен да потпише капитулација без разлика на последиците.
Инаку и главното новинарско перо на СДСМ излезе со реакција околу спорот за името.
Бранко Героски на својот Фејсбук профил се огласи за „ерга омнес“ решението за името. Ерга Омнес или Ерга Гомнес, прашува уредникот на весникот Слободен Печат и порталот Плусинфо.
-Замислете како ШКБ (Штабот на колосалните будали) ја разбира формулата “ерга омнес” за употреба на новото компромисно име што ќе го договорат Скопје и Атина…
Според ШКБ, новото име ќе било запишано и во учебниците. Меѓу другото… И тоа ништо битно нема да сменело.
И сега, еве замислете, го праќате своето дете или внуче прваче. Дете родено од татко Македонец и мајка Македонка. Во Република Македонија со сегашното меѓународно име БЈРМ.
Неговото училиште, на пример, се вика “Гоце Делчев”. На таблата е напишано името на училиштето, името на општината (Центар) и на градот (Скопје), како и името на државата – Република Горна Македонија.
Првачето ќе научи дека Гоце Делчев е роден во Килкиз, Грција и дека се борел за слобода на Горна Македонија. Тато (дедо), зошто тој Гоце од Грција се борел за слобода на Горна Македонија? Зошто не се борел за Грција?
Во учебникот по Општество ќе пишува: “Мојата татковина се вика Република Горна Македонија”. Тато (дедо), зошто твојата татковина се вика Македонија, а мојата Горна Македонија?
Меѓу првите песнички што ќе научи да ги пее првачето, нормално, ќе биде химната. Напишана од поетот Владо Малески од Струга, Горна Македонија. Песната ќе почнува со стиховите “Денес над Горна Македонија се раѓа ново сонце на слободата”.
Вашето прваче ќе биде вредно и паметно и на крајот на годината ќе добие свидетелство. На кое некаде ќе мора да пишува Република Горна Македонија.