Актуелно 02.11.2018 20:27

Заев повторно излажа: Учебниците ќе се менуваат од денеска, нема да се чека ратификацијата на Преспанскиот договор

Заев повторно излажа: Учебниците ќе се менуваат од денеска, нема да се чека ратификацијата на Преспанскиот договор

Експертскиот комитет на Македонија и Грција почнува со работа, иако премиерот Зоран Заев на седницата на Собранието за пратенички прашања, во четвртокот истакна дека овој комитет на експерти не може да почне со работа пред ратификацијата на Договорот од Преспа во двете земји, кое би се случило отприлика во март. Грчкото МНР соопшти дека од денес почнува со работа Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања од Македонија и Грција.

„Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа дека работата на комисијата ќе почне привремено, додека не стапи во сила договорот. Договорената привремена работа е резултат на познавањето на двете страни дека до тогаш, ќе треба да бидат донесени сите неопходни одлуки за веќе од следната учебна година, ниту еден учебник или помошен училишен материјал да не треба да содржи иредентистички/ревизионистички наводи, како што налага Договорот од Преспа“, соопштуваат од грчкото МНР.

Во соопштението од грчкото МНР, како што пренесува МИА, објаснуваат дека е познато дека за да се спроведат одлуките што се однесуваат на учебниците, потребно е време од неколку месеци и затоа треба навремено да се донесат одлуките за да биде можно нивно спроведување откако ќе стапи на сила Договорот од Преспа.

Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, веќе најави дека состанокот ќе се одржи во Солун до крајот на оваа седмица.

Професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе, се членовите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања од македонска страна, на чело со амбасадорот Виктор Габер.

Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети.

Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.

Согласно со Член 8 став 5 од Договорот од Преспа, од 17 јуни, во септември беше формиран Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања.