Актуелно 08.11.2018 15:31

Заев: Веројатно ќе има смена на министри

Заев: Веројатно ќе има смена на министри

Премиерот Зоран Заев за членот 36 од Уставот, каде со уставните амандмани не се менува името Република Македонија со новото Република Северна Македонија и за што имаше реакции во Грција, истакна дека тоа се историски делови во самиот Устав и грчката страна го сфаќа тоа.

– Секако и таму има различности во мислењето, демократија и тоа е во ред. Не можете да кажете дека антифашистичката војна создала Северна Македонија, таа создаде Република Македонија. И тој дел е историски дел. Секаде каде што е историскиот контекст секако нема потреба да се менува. Јасен е Договорот од Преспа и кажува каде се менува уставното име, односно се додава придавката Северна во Република Македонија и некаде каде што постои само Македонија. Имаме комплетно фер, праведно решение кое и принципиелно го имплементираме во уставните амандмани, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по посетата на привремените живеалишта на бездомници во Визбегово.

Верувам, како што рече, дека целата оваа дебата со внимателност од двете страни ќе ја истуркаме до крај, и во нашиот и во грчкиот Парламент.

Прашан дали до крајот на годинава може да се очекува реконструкција на Владата, Заев одговори дека не размислуваат за тоа при вакви, како што рече, сериозни парламентарни процеси. Додаде дека реконструкција ќе нема, но веројатно смена на министри ќе има.

– Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли, тоа да се промени. Тоа е редот на работите. Секако разговараме со коалициските партнери, кои споделиле одговорност со нас и во делот на другите ресори, рече Заев.

За вчерашниот протест пред судот и за барањата претседателот Иванов да го аболицира Никола Груевски и други лица обвинети од СЈО, Заев рече дека не би сакал да коментира таква работа затоа што тоа е повик од поединци.

– Ако навлезам да ги коментирам во детали тогаш можеби да продуцирам непотребни работи. Не верувам дека ќе се случат такви работи во Македонија, рече Заев.

МИА