Живот 03.07.2018 13:47

Започнува кампањата за одбележување на Светскиот ден на населението

Започнува кампањата за одбележување на Светскиот ден на населението

Кампањата по повод Светскиот ден на населението 2018 година, во рамки на соработката со Канцеларијата на Фондот за население на ОН во Скопје, започнува денеска со одржување на интерактивна работилница за млади во организација на Младинската мрежа Y-PЕЕR.

Тема на работилницата се човековите и сексуално и репродуктивното здравје и права, а ќе се одвива интерактивно со вклучени креативни вежби, презентации и изработка на видео материјали. Работилницата ќе се одржи во просториите на Центарот за младински активизам КРИК, со почеток во 10:00 часот.
Фондот за население на ОН (УНФПА) секоја година на 11 јули, на различна тема, го одбележува Светскиот ден на населението (World Population Day). Годинава темата е „Планирање на семејството како човеково право“.

Пристапот до безбедно и доброволно планирање на семејството е човеково право, има централно место во јакнење на родовата еднаквост и е клучен фактор за намалување на сиромаштијата. Меѓународната конференција за човекови права на Обединетите нации пред 50 години го прогласи планирањето на семејството за човеково право, за да денес е широко прифатено како основа за бројни права.

Од 1968 година, голем број на договори и конвенции, важни за репродуктивното здравје и права, ги реафирмираа овие човекови права. Меѓу нив се и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жените од 1979 година, а од поново време, Самитот за одржлив развој од 2015 година, кога светските лидери се согласија дека во рамки на Развојната цел 3, до 2030 година ќе обезбедат “универзален пристап до сексуалните и репродуктивни здравствени услуги, вклучувајќи ги планирањето на семејството, информацијата и едукацијата“.

Оттаму, правото на планирање на семејството вклучува уживање и на други права како што се правото на здравје, вработување и на образование. Обезбедувањето на универзален пристап до здравствени услуги за репродуктивното здравје, вклучително и планирање на семејството, го забрзува развојот на државата кон намалување на сиромаштијата и остварување на глобалните развојни цели.

За жал, младите се уште не можат секогаш да донесат одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје што би биле базирани врз релевантни и вистинити информации. Голем број на млади немаат пристап до информација или образование. Социјалните норми за големината на семејството, бременоста, и правата на младите лица го ограничуваат нивниот пристап до знаењата за методите за планирање на семејството.