Актуелно 08.02.2019 15:26

Здравковски: По две години градоначалникот Коцевски увиде дека се врши незаконско работење и криминал во јавните претпријатија во Велес

Здравковски: По две години градоначалникот Коцевски увиде дека се врши незаконско работење и криминал во јавните претпријатија во Велес

Почитуван господине Коцевски, на некои луѓе им треба многу малку време да ги увидат своите грешки и да реагираат благовремено. За разлика од нив, вам ви беше потребна една третина од мандатот за конечно да сфатите дека многу работи во јавните претпријатија, чии раководители ги именувате лично, работите не одат како што очекуваа граѓаните, ова денеска на прес-конференција го истакна Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Напротив, се случија многу дубиози на штета на граѓаните, односно на даночните обврзници. Внатрепартиските препукувања и несогласувања кои се обидувавте вешто да ги прекривате конечно излегоа на виделина. Ви се случи невидено фијаско во јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти „Парк Спорт“. Дури по речиси две години успеавте да осознаете дека овде во истиот период се вршело незаконско работење, криминал и несовесност, и сето тоа повторно на штета на даночните обврзници. Ништо подобра состојба немавте ниту во ЈЗУ Општа болница Велес, каде сопругата беше директор, а тој само марионета. Залудни беа реакциите на вработените, за да конечно сфатите дека и таму работите не се во најдобар ред. Граѓаните на Велес на неколку наврати се изнаслушаа славопојки за оправданоста од постоење на новите јавни претпријатија „Велес Гас“ и претпријатието за управување со паркинзи, за чија работа никој ниту слушнал ниту видел. Да биде иронијата уште поголема, овде новоназначените раководители и вработени немаат земено плата повеќе месеци, потенцира Здравковски.

Тој додава дека тоа што е најчудно, под влијание на коалицијата на власт повторно не докажавте на дело дека сте градоначалник за сите, туку на местата на досегашните раководители на овие јавни претпријатија поставивте нови партиски кадри без речиси никакво искуство, и тоа сето беше само за да ги задоволите апетитите во неколкуте кланови во вашата партија. После сето ова, дури и неинформиран граѓанин ќе ги постави прашањата кои логично се наметнуваат.

-Господине Коцевски, кој ќе одговара за створениот криминал, несоодветно однесување и штетата на општината? Што работеа органите на контролата во изминатиов период за да дозволат флагрантно кршење на законите? Дали мислите дека не е голема дволичност што еден директор на јавно претпријатие до пред две недели да го етикетирате како неспособен и фрлавте  дрва и камења по него, а по неговата оставка од морални причини почнавте да го  фалите на ниво на народен херој? Господине Коцевски ова не е вашиот прв мандат. Времињата се менуваат, а граѓаните се со сосема други размислувања и идеи околу функционирањето на општинската власт. И конечно, ќе имате ли доблест да излезете во јавноста и на даночните обврзници да им ги објасните за сите овие случувања кои се и ваша лична одговорност и да се извините?, прашува Здравковски.