Во повеќето европски земји, законски е пропишана минималната плата, која претставува долна граница за работодавците, а нејзиниот износ многу варира од земја до земја.
Според Еуростат, 22 од 28 земји-членки на ЕУ имаат минимална плата, како и сите земји-кандидати за членство во ЕУ – Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија и Турција.
Исклучок од ова “правило” се Данска, Италија, Кипар, Австрија, Финска и Шведска.
Минималната бруто плата во Македонија изнесува 17.370 мкд(282 евра) или нето 12.165 мкд(198 евра).
Опсегот на минимални плати во земјите на ЕУ се движи од 261 евра во Бугарија до 1.999 евра во Луксембург.
Во првата група се девет земји со минимални плати до 500 евра. На дното веќе е споменатата Бугарија, Хрватска со 465.72 евра е околу златната средина, а на горната граница се Полска и Словачка со минималец од 480 евра.
Втората група вклучува шест земји со минимална плата помеѓу 500 и 1.000 евра. На долната граница во таа група е Естонија со точно 500 евра, а на врвот е Шпанија со 859 евра.
Третата група вклучува богати земји, каде што приходите на најлошо платените работници надминуваат 1.000 евра. Најбогатите ги предводи Луксембург, каде загарантираната минимална плата од 1.999 вера е пет пати повисока од просечната плата на Македонија.