Македонија троши по околу 50 милиони евра месечно за увоз на храна. Додека државата дава милиони во форма на субвенции половина од нивите остануваат необработени, а приносите се под регионалниот просек. Дополнителен проблем се и малите и расцепкани парцели.
Половина од нивите остануваат незасеани
Македонија има 4.170 квадратни километри под ниви и ораници, но од нив се обработуваат само нешто под 2.800, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Експертите предупредуваат дека државата мора сериозно да се посвети на поголема искористеност на земјоделските потенцијали – додека секоја година се исплаќаат и милиони во форма на субвенции производството стагнира. Истовремено се одлеваат милиони на увоз на храна.
„Штетата што не се обработуваат е голема. Има над 50 илјади хектари кои веднаш би можеле да се обработуваат и да се насадат пред се со житни култури како пченица, пченка, ‘рж, јачмен, овес и добиточна храна. Ние сме нето увозници на сите овие култури и трошиме милиони евра. А така не само што ќе ги покриеме домашните потреби туку ќе има и за извоз“, коментираат во Земјоделскиот факултет.
Според ДЗС од засеаните површини најголем дел се под жита (59%), потоа градинарски растенија (19%), фуражни култури (14%) и индустриски растенија (8%).
Речиси половина Македонија е под земјоделско земјиште – ниви, лозја и пасишта, а половина од ова останува непосеано и необработено. Од вкупната површина на државата, 25.713 квадратни километри, 12.670 км2 или 1.267.000 хектари се земјоделска. Најголем дел или 7.500 км2 се пасишта, ораници и бавчи се 4.170 км2, ливади 590 км2, лозја 240 км2, а овоштарници 160 км2.
Малите и расцепкани парцели како проблем
Освен слабиот процент на искористеност дополнителен проблем се малите и расцепкани парцели на земјоделците. Едно домаќинство во просек има по 5 оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10 со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.
„Во Македонија во моментов има од 3.5 до 4 милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи има над 50 000 хектари неплодно земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да се посвети посебно внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација како и намалување на трошоците на производство. Од друга страна ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотно – правни односи кај земјоделците можеби е најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание“, објаснуваат во Сојузот на земјоделци.
Министерството за земјоделство во соработка со Европската Унија (ЕУ) и Организацијата за храна на Обединетите Нации (ФАО) веќе работи на проект за окрупнување. Како дел од националната програма за консолидација се предвидени и посериозни инфраструктурни инвестиции.
„Крајната цел на овој проект е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини, да се реши проблемот со напуштање на обработливото земјоделско земјиште, и секако, да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Утре почнуваат средбите со земјоделците во Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари кои треба да го консолидираат своето обработливо земјиште. Наскоро ќе почне избор на нови 12 локации во државата за окрупнување на земјоделското земјиште. Ќе се утврдува дали и колку се подготвени да ја спроведат консолидацијата.
Малите расцепкани парцели не се проблем само во Македонија туку и во целиот регион. Просечната големина на земјоделските стопанства е од 2.5 до 2.8 хектари, а на катастарските парцели 0.3 до 0.5 хектари што е далеку под европскиот просек кој изнесува 20.
Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020 предвидува субвенции за окрупнување на површините, но засега резултатите се слаби.
Македонија со ниски приноси по хектар
Приносите по хектар варираат од сезона до сезона, пред се поради различните временски услови. Но, просекот во светски рамки има тенденција на постепен раст, а кај нас останува речиси непроменет.
Така, според најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2017-та приносот од хектар засеан со пченица бил 2.746 килограми, а во 2007-та бил 2.402 килограми. Најдобра реколта имало во 2016-та кога биле ожнеани 3.838 килограми. Ако се извади просек за изминатите десет години се доаѓа до 3.115 килограми годишен принос.
Од друга страна, според податоците на ОЕЦД, просекот на ниво на Европската Унија е 5.800 килограми по хектар. Во Србија достигнува 6.173, во Бугарија 4.819, во Албанија 4.716 и во Грција 4.145 килограми по хектар. Најдобро рангиран во светски рамки е Нов Зеланд со дури 9.000 килограми или речиси три пати повеќе од Македонија.
Светската Банка, пак, пресметала дека во изминативе 10 години просечниот принос на пченица на глобално ниво се зголемил од 3.306 на 3.966 килограми по хектар.
Ако се споредува производството на оризот и пченка разликите меѓу Македонија и светот се уште поголеми.
50 милиони евра секој месец за увоз на храна
И додека половина ниви остануваат необработени Македонија троши милиони на увоз на храна.
Според последните податоци на ДЗС само во првиот квартал од годинава за увоз на храна биле потрошени 143 милиони евра што е за 6 милиони повеќе во однос на истиот период лани. Истовремено извозот на храна бил само 59 милиони евра и остварил раст од само 2 милиони.
Во првите три месеци од годинава биле потрошени дополнителни 21 милион евра за увоз на пијалаци и тутун.