Владата на вчерашната седница ги донесе предложените сет на мерки за пченицата. Со првата се зголемува минимумот на пријавени површини за добивање 100 отсто од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и за пченицата.
Со оваа измена ќе бидат опфатени земјоделците со средна големина. Односно, ако досега субвенција од 100 отсто добивале оние кои пријавиле од 0,3 до 10 хектари, за оваа категорија земјоделци се зголемува минимумот на пријавени хектари за субвенции, или од 0,3 до 20 хектари ќе добијат 100 отсто субвенција.
Втората измена е за фирмите што имаат поголеми површини со полјоделски култури, вклучително и пченица. Зголемена субвенција или наместо 10 отсто, со измените фирмите кои имаат пријавени површини над 100 хектари ќе добиваат 20 отсто субвенција. Односно, ако со 10 отсто субвенција добивале 1200 денари по хектар, со новата мерка ќе добиваат 2400 денари субвенција по хектар. Овие измени важат за сите полјоделски култури.
Со третата мерка, секој откупувач на пченица запишан во регистарот на откупувачи којшто ќе откупи домашна пченица од реколтата 2018 најдоцна до 15 септември годинава, и за истата исплатата ќе ја изврши најдоцна до 15 декември 2018 година, ќе добие субвенција од 1 денар за килограм откупена пченица. Корисници на оваа мерка се откупувачи на пченица запишани во регистарот на откупувачи кои извршиле откуп на пченица од род 2018 година во предвидениот рок од домашно производство врз основа на договор за откуп.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека во тек е јавниот оглас за набавка на 13 000 тони домашна пченица за потребите на стоковите резерви, којшто трае до 15 август. На јавниот оглас за првпат се дозволени и помали лотови, со цел и земјоделците да можат директно да продадат пченица на Стокови резерви. Има 10 лота од по 100 тони и 3 лота по 4 000 тони пченица.
Според пресметките на МЗШВ, вкупно за сите овие четири мерки ќе се исплатат околу 4 милиони евра.