Речиси е навика кај поголемиот број на граѓани, како што ја добиваат платата, веднаш да ја потрошат.
Иритирачки е податокот да “уживаме” во платата само 5, 10 или најмногу 15 дена, а вредно сме работеле цел месец за да ја заработиме.
Излезот од тој магичен круг на животот наречен “живот од плата до плата“ не е воопшто лесен, но може да се излезе од него само доколку имаме добар акционен план.
Во продолжение ви прикажуваме неколку чекори како полесно да излезете од тој начин на живот:
1. Направете увид во своите трошоци
Многу често се случува да ги потрошите своите пари, а речиси немате ништо купено. Поточно, кога не знаете на што точно сте ги потрошиле парите многу е лесно да влезете во циклусот на преживување од плата до плата.
Доколку не направите детален увид на сопствените трошоци, многу тешко ќе можете точно да видите каде ги трошите парите и зошто константно на крајот на месецот останувате на раб на преживување.
Со анализата на сопствените трошоци најлесно ќе ги согледате трошоците и врз нивна основа ќе создадете сопствен буџет.
2. Скратете ги или целосно укинете ги непотребните трошоци
Вториот чекор од кога ќе ги согледате трошоците е да ги скратите или целосно да ги укинете непотребните трошоци.
Најлесно кратење на трошоците можете да го направите преку т.н. варијабилни трошоци, односно непланираните трошоци. Неколку примери за скратување на тие трошоци се секојдневно пиење кафе во кафетерија наместо да си направите дома или на вашето работно место, секојдневно возење со такси наместо со градски превоз или пешачење, купување на готова и брза храна итн. Кога ќе имате увид во вашите трошоци, на крајот од месецот ќе видите колку пари ве чини тоа задоволство.
Покрај варијабилните трошоци, можете да ги скратите и фиксните трошоци како што се редовните месечни сметки.
3. Расчистете со долговите
Каматите на вашата кредитна картичка или на ратата за кредит, месечно ви скратуваат прилично голема сума на пари.
Откако ќе ги скратите месечните трошоци, ќе имате дополнителни пари кои пред тоа непотребно сте ги трошеле. “Вишокот” пари искористете ги за да ги намалите или целосно да ги расчистите вашите долгови.
Раздолжувањето нека ви биде ваша примарна цел.
Со расчитувањето на долговите, значително ќе ја подобрите вашата финансиска состојба.
4. Зголемете ги приходите
Откако ќе ги намалите трошоците и ќе расчистите со долговите, финансиската сосотојба ќе ви се подобри, но можеби тоа нема да биде доволно за да излезете од т.н. “живот од плата до плата“.
Покрај намалувањето на трошоците, размислете на кој начин можете да ги зголемите приходите.
Доколку вашата работа не ви носи доволно приходи, размислете за некоја дополнителна работа која ќе ви го зголеми буџетот. Дури и наизглед минимални 50-100 евра месечно, може да направат голема разлика во вашиот буџет и значително да ви помогнат да излезете од магичниот круг.
5. Штедењето и инвестирањето нека ви биде приоритет
Откако ќе ги скаратите целосно непотребните трошоци, а ќе имате и дополнителни приходи, пожелно е да створите навика за штедење и инвестирање.
Направете си месечен буџет кој можете да си го дозволите, без да ви ги наруши животниот стандард и кој што ќе го издвојувате за штедење или инвестирање.
Направете тоа да ви биде обврска исто како да треба да уплатите за рата за кредит или кредитна картичка.
Штедењето и инвестирањето значително ќе ви ја подобрат вашата финансиска стабилност и независност.
Придржувајте се до овие совети и брзо ќе излезете од “магичниот начин на живот од плата до плата.