Доколку не ја стопираа градбата на Kлиничкиот центар, како што беше замислена, сега градбата ќе беше во полн ек и една третина од работите ќе беа завршени. За две години од сега ќе имавме нов огромен и најмодерен објект на Клиничкиот центар, со комплетно нова медицинска опрема и апаратура, со нов медицински мебел и спремен за вселување. Ќе чинеше се заедно околу 120 милиони евра, пишува поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски.
Неговиот статус го пренесуваме во целост:
Надвор од ова, во истиот период ќе се изградеа две големи катни гаражи во тој простор кој ќе ги апсорбираа сите возила, како на персоналот, така и на пациентите и за кои според планот немаше да се инвестиираат пари од буџетот, туку на јавна лицитација. Ќе се продадеа веќе урбанистички подготвените земјишта за катни гаражи и нив ќе ги изградеа приватни инвеститори, за што имаше огромен интерес заради сигурниот број на возила секој ден и во тек на целиот ден. Се заврши и проектот за дотраените бараки на студенскиот дом Медицинар да се заменат со изградба на нов, поголем и современ, во чии склоп се предвидува и спортска сала. Готов беше и проектот за гасна централа за Клиничкиот центар, која за неколку години ќе се исплатеше преку планираните заштеди.
Негативна страна на овој избор беше што Клиничкиот центар би останал во центарот на Скопје, каде има многу густ сообраќај. Неколку понови објекти изградени во последните десетина години ќе останеа, ќе се реновираа и со топол премин ќе се поврзеа со новиот објект. Некои од нив свесно ќе останеа малку настрана, како инфективната клиника, заради природата на болестите кои ги третира и за кои препорачливо е да се малку настрана. Но, со нејзино реновирање. И тоа е се. Трошок 120 милиони евра, вклучувајќи ја и новата медицинска опрема и апарати за новиот објект на Клиничкиот центар.
За новиот избор на оваа неспособна власт може само да се дебатира дека има некоја предност што не е во строгиот центар на градот со толку многу сообраќај, иако се повеќе се гради и делот на Скопје во Бардовци и околу него, па за десетина години и таму нема да е така растеретено како денес.
Се друго е многу покомплицирано, поскапо, побавно и попроблематично.