Општиот индекс на безбедност на Република Македонија е 3,07, оценка што покажува дека безбедноста се уште е ранлива како резултат на проблемите со кои се соочуваат луѓето како поединци. Индексот за регионална безбедност изнесува 3,48, но сепак дел од граѓаните во Македонија сметаат дека идејата за Голема Албанија се уште е жива и може да влијае во внатрешно дестабилизирање на државата.
Ова се податоци кои денеска беа презентирани од истражувањето за безбедносните предизвици на Република Македонија, на промоцијата на публикацијата „Индексот на безбедност“ од авторите Цане Мојаноски и Марјан Ѓуровски.
– Врз основа на прашањата кои поризлегуваат од идентитетската и социетална безбедност е стравот кај дел од граѓаните дека се уште е жива идејата за Голема Албанија или пак стравот кај дел од албанското населенија доколку Република Македонија до крајот на 2019 или почетокот 2020 година не го заокружи процесот на евроатлански интеграции, раѓа различен страв и фрустрации кај дел од граѓанството. Токму тие интеграции се единствениот проект кој ги обединува сите граѓани во Македонија. Преку ова истражување се потврдува дека единствен кохезивен проект е членството на Македонија во НАТО кое ќе овозможи безбедносна стабилизација, истакна Ѓуровски.
Според него, токму поради тие стравови кај граѓаните, независно од нивната етничка припадност, безбедносниот систем треба посветено да работи на процесот на реформи и проценка на безбедносните ризици и нужно е Македонија да ја искористи историската шанса да стане 30 членка на Алијансата.
Професорот Цане Мојановски појасни дека анкетата е структрирано интервју. Тој вели дека во тет-а-тет разговор на теренската анкета која е спроведена до крајот на јануари 2018 година, од испитаниците 22 проценти се од албанска етничка заедница и напоменува дека треба да се има предвид дека некои од актуелните состојби можат да се препознаат како индикации кои уште од почетокот на годината постојат како грижи кај граѓаните, но и дека во втората половина од оваа година се добива поинаков интезитет. Тоа според него се должи на релациите кои ги оствари Македонија со соседите со потпишувањето на договорите, но и со политиките на Балканот, посебно околу идеите за размена на територии или прекројување на границите.
Индексот на лична безбедност кој изнесува 2,86, според авторите, се должи на самата околина, традицијата… која овозможува поголем дел од нив да се чувствуваат безбедни во средината каде живеат, односно за тоа се изјасниле 78 проценти од испитаниците. Во испитувањето на јавното мислење граѓните го оценувале работењето на носителите на одлуки во безбедносниот систем, а најмногу процентуално за оценка 5 се определиле за Армијата на РМ. Полицијата е оценета со 4, Владата и претседателот на РМ со 3, Собранието е оценето со 2, додека најниска оценка испитаниците дале за судството.
Според авторите, во државата не е воспоставен механизам за градење на политичко-безбедносна проценка, во системот на поделба на власта одделните државни органи имаат нагласена улога на самостојност, без јасно видливи облици на координација и синхронизирана активност. Нема поцелосна (или јавно соопштена) анализа за функционалноста, ефектите и постигањата на органите во остварувањето на безбедносната проценка и во преземањето на организирани и синхронизирани активности во справувањето со безбедносните ризици и закани.