Даночната реформа, воведување на прогресивниот данок што го предлага министерот за финансии, Драган Тевдовски, наместо фискален ефект, само ќе ги научи субјектите да бидат даночни непослушници и ќе ја стимулира сивата економија. Со ова нема да се постигне никакво нивелирање на јазот меѓу богатите и сиромашните, а мерката е само популизам што декларативно треба да ги поткрепи социјалдемократските политики, е првиот впечаток на идните даночници од кои ќе се собираат овие средства.
Повеќето од засегнатите велат дека оваа даночна интервенција се протнува без широка дебата и изминативе месеци, откако таа беше најавена, па до денес, не се направени никакви консултативни состаноци со тие што ќе бидат есапени. Негодувањата се насочени и кон селективниот приод во собирање на данокот и се посочува дека ако се направи наплата на даноци во извесни региони во државата каде што тоа воопшто не се прави, ќе се добие и поголем буџетски ефект отколку овој што се најавува со наплата на прогресивниот данок.
Според Зоран Витанов, претседател на „Ликонет“, оваа даночна мерка личи на уравниловските што ги правел поранешниот советски лидер Никта Хрушчов и претставува казнива политика кон успешните.
„Ние можеме да ги пренесеме бизнисите надвор од држава и со тоа ќе изгуби и државата и граѓаните. Се разбира дека сите сме свесни оти во Македонија има многу сиромашни, но дали е ова начинот да се постигне социјална рамноправност. Од каде сме сигурни дека овој дополнителен данок нема да служи само за хранење на владејачките партии“, смета Витанов.
Ова е тотално промашен модел за економски развој, а ефектуирањето дополнителни 25 милиони евра во државната каса не се никаква фискална мерка што ќе донесе социјално порамнување и ќе го намали јазот меѓу богатите и сиромашните, смета дел од стручната економска јавност.
За Снежана Костадиновска-Молошовска од Институтот за економија, оваа нова даночна мерка се носи непромислено и воопшто не е приоритетна за да се зголеми буџетот. Според неа, од времето кога е донесен рамниот данок, значително била зголемена даночната дисциплина, а сега со воведување на прогресивниот данок голем е ризикот дека повторно ќе ја снема и дека ќе се зголеми даночната непослушност.
Успешните Владата ги нарекува богати и како да сака да ги казни да не одат напред, сметаат од бизнис-заедницата. Од таму велат дека владините службеници не сакаат да се откажат од непотребните административни трошоци што го оптоваруваат буџетот, а сака да ги оптовари оние што се поуспешни во работата.
Наместо ИТ-индустријата или прогресивните растечки индустрии да бидат поттикнати и да отвораат нови работни места, па социјално загрозените да може да заработуваат, тие евентуално би добиле социјална помош чиј износ не може да задоволи никакви егзистенцијални потреби. Затоа, сметаат економските експерти, ова владино ветување е поигрување со социјалната правда и чиста манипулација која може да ѝ донесе голема штета на македонската економија.
Од Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ исто така се револтирани од обидот да се провлече воведувањето на прогресивниот данок, без никој да не ги консултира.
За Горан Поповски, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, ИТ-дејноста кај нас и натаму е во развој и на неа треба да се работи стимулирачки, а со најавата за прогресивен данок се добива впечаток дека може да предизвика излевање на стручните кадри од земјава.
Нивните анализи покажуваат дека станува збор и за тактизирање во актуелниот политички миг и дека не се води сметка за тоа со колкав ризик од даночна евазија ќе се соочиме.
Субјектите што се засегнати од новата даночна мерка веќе бараат начин како да го скријат приходот, односно наоѓаат други начини на месечна распределба на приходот, со што де факто ќе биде стимулирана сивата економија.
Уште поголеми се стравувањата дека ова е само вовед во уште поригидно пропорционално порамнување.
Ако е ова дел од заговарањето на политиките на владејачката партија која мора да пласира политики на социјалдемократи, но во неспремна економска клима, препораките на експертите се да се почека, а не да се кокетира на картата социјална првада.
Во креирање на новиот данок засега не е направена процена колкав е ризикот од тоа голем дел од овие бизниси да ја напуштат земјата и истовремено стотици вработени во овие фирми да останат без работа.
Повикувајќи се на социјална правда и можност дополнително да се даночат богатите, односно оние со приход од 90.000, кои, според многумина, ако, на пример, единствениот хранител во семејството успева да ги заработи, не се воопшто ставка што може да се смета за луксуз, не е никаква социјлна правда, туку спротивно на тоа, ќе ги осиромаши и оние што со поголемите месечни заработувачки се поголеми двигатели на економијата. Економскиот сообраќај и движењето на парите во земјата, секако, во најголем дел го прават оние со поголема куповна моќ.
Останува отворено и прашањето која е гаранцијата дека и дополнителниот даночен доход ќе биде наменет токму за тоа за што најавува Владата, а нема да послужи за хранење на државниот апарат?