Одлуката за Никола Груевски е донесена во законскиот рок и при носењето се запазени сите законски прописи, соопшти Комисијата за заштита од дискриминација, која оцени дека Груевски бил дискриминиран од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска во процесот „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“.
„Во врска со некои тенденциозни и невистинити соопштенија на одредени здруженија на граѓани, како и изјави на некои поединци, кои се појавија во некои медиуми во однос на работата на Комисијата за заштита од дискриминација, должни сме да ја информираме јавноста дека тие претставуваат само уште еден обид да се дискредитира Комисијата и да се попречи нејзиното стручно работење, но и да се изврши притисок врз оваа независна државна институција, која работи исклучиво според Законот за спречување и заштита од дискриминацијата“, велат од Комисијата.
Од таму истакнуваат дека петмина од седумчлената Комисија се универзитетски професори и во своето досегашно работење Комисијата постапувала стручно и непристрасно, независно од основот и областа на дискриминација и независно од подносителот на претставката или против кого е поднесена.
„На ваков начин беше постапувано и во однос на претставката со архивски број 08-295/7 од 13.9.2018 година поднесена од страна на г. Никола Груевски за која одредени медиуми покажаа интерес. Во конкретниот случај е донесено мислење во оптимален рок од два месеца и се запазени сите законски постапки и при одлучувањето се земени предвид фактите и доказите доставени од двете страни и е постапувано по нив на стручен начин како и во сите други предмети“, велат од Комисијата.
Од таму информираат дека со предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација се врши политички притисок врз телото за еднаквост во Република Македонија бидејќи овој предлог-закон предвидува да престане мандатот на членовите на Комисијата со стапувањето во сила.
„Европски стандард е телата за заштита од дискриминација да бидат ослободени од притисок од страна на државните власти. Оваа одредба во предлог-законот ја квалификуваат за политички притисок и бараат да се избрише и Венециската комисија, Мрежата на телата за еднаквост во Европа и Генералниот директорат за проширување на Европската комисија“, се наведува во соопштението.