Ветуваа живот за сите граѓани, а донесоа живот само за Заев, за Вицето, за Анѓушев, Шекеринска, Спасовски. Сите останати едвај преживуваат, ова на денешната прес конференција го потенцираше Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Државата тоне во економска пропаст, народот се мачи во сиромаштија и беда, а криминалот царува по улиците. Секојдневно како на пазар се лицитира и се распродаваат државните и националните интереси. Со името на државата се постапува како да е име на фирма на Заеви, далеку од очите на јавноста, за лични интереси на криминалниот картел на власт се преговара за се и сешто и тоа се крие од граѓаните. До вчера Заев се колнеше дека не помислува на промена на Уставот за да го менувал уставното име, за потоа да не убедува дека се премислил бидејќи му се видело убаво како име Илинденска Македонија. Сега ни кажува дека заради Грците и тоа име отпаѓа ама убаво ќе било и без тоа име да се преземе обврска за менување на Уставот. Сведоци сме на едно заробено судство што на Суд добива само оној кој е близок до картелот на власт. Убијци се шетаат на слобода. Никаде го нема убиецот на Мартин Јанушев. Осудените од Смилковско езеро се помилувани, исто како што се помилувани и осудените во случајот „Сопот“ кои подметнаа бомба и убија војник на НАТО. Помилувани се и убијците на полицајците пред Арачиново пред 18 години, потенцираше Јанушев.
Тој додава дека заедно со нив е помилуван и Заев. Клиентелистичкиот суд се прави слеп на снимката на која што Заев бара евро за Вицето и евро за црквата. Судот се прави и глув на исказот на оштетениот сведок. Затоа Македонија тоне во корупција и назадува за 17 места на листата на Транспаренси. Затоа криминалците се чувствуваат охрабрени и се закануваат и рекетираат секаде каде што ќе стигнат. Заев ослободи 750 соработници во криминалот.
-Државата е преплавена со партиски кадри кои се вработуваат строго со партиска книшка на СДСМ, која инаку беше најавена и како лична карта во кампањата за изборите. Неспособните партиски војници не ги интересира доброто на граѓаните, туку богатењето на криминалниот картел. Затоа државата секојдневно се презадолжува и ја помина психолошката граница од 5 милијарди евра, а нити еден единствен проект не е реализиран од криминално картелската Влада. Процентот на реализација на капиталните инвестиции е понижувачки и засрамувачки, 11% во првите неколку месеци од 2018 година. Растот на БДП за 2017 година изнесува 0%. Нема ни трага ни глас од ветените 500 евра плата, 100.000 денари плата за докторите, 60.000 денари за сестрите, покачувањето на пензиите, покачувањето на субвенциите во земјоделието или пак покачените стипендии за студентите. Нема ниту 600 километри автопат. Има само чочек во тунел кој е изграден во време на ВМРО. Граѓаните живеат полошо и помизерно од било кога до сега. Не знаат секој нареден ден дали ќе имаат да се прехранат. Исплашени се и загрижени за својата иднина и иднината на своите деца. Веќе сонот на секој млад човек е што побрзо да се отсели и да замине од нашата држава, додава Јанушев.
Тој нагласува дека сите ние имаме по некоја причина зошто треба да и кажеме СТОП и ДОСТА Е на оваа криминална банда која владее како картел со Република Македонија. Сите ние сме сведоци на лични примери од секојдневието каде што оваа криминална банда нанесува штета.
-Затоа, ВМРО-ДПМНЕ како партија која секогаш била на страната на граѓаните, уште еднаш Ве повикува да застанете рамо до рамо со нас во оваа битка за рушење на овој картел и оваа ненародна и расипничка Влада. Размислете дали вам Ви е подобро со тоа што Заеви ја купија „Герас Цунев“ по цена на една гарсониера. Дали вие имате повеќе пари за вашите деца со тоа што Заеви си доделија концесија за ископ на глина? Дали вие го решивте станбеното прашање со тоа што Заеви си поделија градежни дозволи да градат згради низ цела Македонија. Дали Вие имате подобар пристап до здравството и поевтини лекови со тоа што кланот Заеви си доделија концесија за бизнис со марихуана? Колку вие имате корист од тоа што камионите на Заеви во „РЕК Битола“ работат или милионите што ги инкасираше Кочо Анѓушев од продажбата на неговата фирма на грчкото електростопанство? Ова се резултатите од нивното едногодишно владеење. Затоа во сабота во 20:00 часот пред Владата на Република Македонија, да го обележиме почетокот на крајот на оваа Влада и заедно да се бориме до конечното паѓање и разбивање на овој криминален картел на власт. Овој криминален картел кој владее со нашата држава мора да падне веднаш. Да падне веднаш и целосно да се разбие. Штетите кои ги нанесуваат со своето расипничко владеење од ден во ден се се поголеми и за жал ненадоместливи. Државата е заробена, граѓаните секојдневно се изложени на огромни притисоци и закани. Во оваа битка ни е потребен секој еден граѓанин да ни се придружи бидејќи штетите се ненадоместливи, изјави Јанушев.
Тој потенцира дека свесни се дека сите граѓаните трпат притисоци и закани да бидат предомислени да излезат на сенародниот масовен протест пред Владата, но народот повеќе не се плаши и нема што да изгуби. За победата врз ова зло ќе се избориме сите заедно, до конечното паѓање на оваа власт.
-Се гледаме рамо до рамо сите заедно во сабота во 20:00 часот пред Владата да го покажеме македонскиот непокор. Народот ќе победи! Македонија ќе победи!, заврши Јанушев.