Гостивар изгледа е заразен со епидемија на непотизам. Како што дознава КУРИР, низа скандалозни вработувања се случени во изминатиов период.
Граѓаните се револтирани што несоодветен кадар добива високи работни позиции, само поради свои роднински врски, а високообразовани личности по струка, немаат каде да се вработат.
До КУРИР стигна дојава за неколку случаи на непотизам, а при самото истражување за нив, дојдовме и до други исти такви.
Не е само непотизмот проблем во Гостивар, туку и вработувањата на лица без потребно образование и стручност за работното место кое го добиваат.
Актуелниот претседател на ОО СДСМ од Гостивар, кој е советник во општината, Зоран Ангелов беше вработен во секторот образование. Од пред десетина дена тој добива висока позиција во ЕЛЕМ Гостивар.
Тој влегува на позиција инженер за машинско одржување и добива договор на неопределено време со висока плата. Работното место го добива во ХЕЦ „Маврово“. Наводно, Ангелов бил најподобен кандидат од сите кои се јавиле на огласот за ова работно место.
ЕЛЕМ изгледа стана омилено работно место на социјалдемократите, меѓу кои и членови на семејството на Ангелов. Прв братучед на претседателот на СДСМ во Гостивар кој е тазе вработен во ЕЛЕМ, е Иван Трпески, еден од директорите на ЕЛЕМ во Скопје.
Трпески на оваа позиција е долго време, но сега во семејството вработени на ЕЛЕМ му дојде и братучедот Ангелов.
Граѓаните кои до КУРИР ги доставија доказите за ова вработување, велат дека Ангелов е далеку од совесен работник кој ја заслужил оваа позиција.
-Ангелов не можете да ги најдете ниту во партиското седиште на СДСМ, каде е претседател. Тој сите состаноци ги закажува во кафеана. Најчесто е таму консумирајќи алкохол. Тој човек е неодговорен ни за партиската функција, а камоли за некоја ваква позиција. Како тој, а не некој од нас, најактивните партиски членови на СДСМ, заслужи такво работно место, не знаеме. Сега тој Зоран е награден од партијата со вработување по негова желба, коментира член и активист на СДСМ од Гостивар во изјавата за КУРИР.
Но, тука не застанува вработувањето на членови од ова семејство. Неговиот брат е вработен во труд и социјална политика во Скопје. Во исто време кога беше распишан огласот за негово вработување, се распиша и оглас за вработување на друг негов прв братучед во Заводот за социјални грижи, но поради административна грешка, ова вработување не беше реализирано. Време за објава на нов оглас немало бидејќи тогаш се распишаа изборите, дознава КУРИР.
Од владеењето на СДСМ се “офајдил“ и Еро Јованоски. Тој е актуелен секретар на ОО СДСМ во Гостивар, како и актуелен советник во општината. Вработен во Централен регистар.
-Сите знаеме какво образование има Еро и колку е подобен за високи функции. Тој заврши факултет во само неколку месеци. Не знам точно на кој, но тоа е еден од сомнителните факултети во градот. За неколку месеци тој зема диплома како да е високо образован. Беше на чело на Агенцијата за времени вработувања, а потоа истата му ја остави во наследство на својот син, како тоа да им е некој семеен бизнис, вели нашиот соговорник.
Лицето Драгољуб Филипоски има завршено факултет за физичка култура, но вработен е на раководна позиција во Заводот за вработување. Филиповски е актуелен член на ИО на ОО СДСМ Гостивар.
Кога Ангелов на изборите во 2013-та година беше кандидат за градоначалник на Гостивар, Филиповски беше седми на листата за советници на СДСМ.
Претседателот на младината на СДСМ во Гостивар има завршено средно медицинско училиште. Но, за партиските активности кои ги извршувал, награден е со вработување во ДБК.
Лицата од кои ги добивме овие информации се долгогодишни членови и активисти на СДСМ во Гостивар. Тие имаат јасна и недвосмислена порака до премиерот Заев.
-Имаме надеж дека премиерот ќе го прочита сево ова и конечно ќе превземе нешто. Се надеваме ќе стави крај на дивеењето на локалните шерифи кои го валкаат името на партијата и создаваат лутина кај членството. Лутината за ова се покажа на референдумот, а доколку остане ваква ситуацијата, ќе се почувствува и на претседателските избори. Имаме совет до премиерот: Сменете се од корен. Згрешивте со назначувањата во Гостивар, ама секој има право да згреши и ќе му биде простено само ако ја поправи грешката и истата не ја повтори, се наведува во пораката која членови на СДСМ во Гостивар му ја испраќаат на премиерот Заев.