Актуелно 27.12.2019 14:22

Денес нов марш за воздух во 2020, за здрава младина и здрава животна средина

Денес нов марш за воздух во 2020, за здрава младина и здрава животна средина

За да имаме здраво општество, мора да имаме здрава младина, а за да имаме здрава младина мора да имаме здрава животна средина! Ова е повикот на третиот марш за чист воздух кој ќе се одржи денес со почеток од 17 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Аерозагадувањето со години е проблем број еден во Скопје и пошироко, кое директно придонесува и за климатските промении, и затоа повеќе не може да чека. Младите од средните училишта во Скопје минатиот петок ја презедоа иницијативата од возрасните, со барање властите итно и со максимален интензитет да се посветат на решавање на овој проблем. По примерот на Петоци за Иднината на глобално ниво, во петок ги повикуваме средношколците повторно да ни се придружат на улиците во 17 часот, на последниот Марш во 2019, на рутата од Министерство за животна средина до Влада. Оние кои ги носат одлуките мораат да разберат колку ова прашање е важно за сите нас, се наведува во описот на настанот.

Од Зелен фронт напоменуваат дека овој период од школската година е важен за учениците, но чистиот воздух е уште поважен. Затоа Петоци за Иднината Скопје не повикуваат на бојкот на целиот училишен ден, туку симболично напуштање на наставата на крајот на денот за да му се придружат на Маршот. Во знак на солидарност, учениците во прва смена ќе одржат протест за време на последниот час во школските дворови.

-Нашето барање е едноставно исполнување на листата на барања на коалицијата Зелен Фронт, за да можеме да продолжиме со образованието како што доликува на свесна и прогресивна младина! Воедно, ги повикуваме граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да ни се придружат на предновогодишниот Марш за воздух, и да им помогнат на нивните деца во оваа битката, стои во објавата на Фејсбук.