„Адора“ направи преседан во нашата кратка корпоративна историја затоа што плаќаше пазарни цени за акцијата на „Комерцијална банка“ и не го правеше тоа на начин како што досега сме гледале со договорени цени и количини во блок трансакции. За 10 милиони евра „Адора“ станува најгласна во одлучувањето на банката која контролира 22 отсто од активата на целиот македонски банкарски пазар
Градежната компанија „Адора“ во која соптвеник е Ванчо Чифлиганец, стопанственик и поранешен политичар, започна нов тренд во македонската краткотрајна корпоративна историја. Градежната компанија „Адора“ со своите придружени друштва вложи околу 10 милиони евра во 8,08 отсто од акциите на „Комерцијална банка“ една од двете најголеми македонски банки.
„Адора“ од втората третина на март годинава до почетокот на јули вложи околу 10 милиони евра во акции. Многу позитивен преседан во македонската корпоративна историја е тоа што „Адора“ купува акции по пазарни цен на Македонската берза за хартии од вредност. Не доминираа договорени блок трансакции по однапред утврдени цени како што сме гледале досега во повеќе наврати во минатото тргување со различни акции на нашиот пазар. Влезот на „Адора“ и на неколку други компании во „Комерцијална банка“ ги зголеми очекувањата на продавачите на акции и пазарната цена на таа акција почна да расте. Од 3.700 денари во втората третина на март до 5.500 денари во втората половина на јуни. „Адора“ ги следеше пазарните цени и купуваше акции. Продолжи да го зголемува своето учество во акционерската структура и покажа сериозен пристап и континуитет во купувањето.Ова ќе даде нов белег на цената на таа акција. Затоа што пазарот ја диктираше цената, а „Адора“ купуваше препознавајќи нешто во „Комерцијална банка“ за што други богати и моќни немаа храброст да извадат пари и да платат.Можеби примерот на „Адора“ ќе го следат и други домашни имотни луѓе кои уште берзата не ја перцепираат како организиран пазар на кој се тргува со вреден капитал?
Што си купи Чифлиганец?
Чифлиганец е сопственик на „Адора“, а „Адора“ е најголемиот поединечен акционер во „Комерцијална банка“ која по неколку важни критериуми е најголемата банка во Македонија. Сега зборот на „Адора“ ќе биде многу значаен, а во некои случаи и прсуден при носењето на деловните одлуки во „Комерцијална банка“. А за значењето и за големината на „Комерцијална банка“, почитувани читатели, ќе ви ги изнесеме следниве факти кои се однесуваат на 2017 година:
– „Комерцијална банка“ поседувала 22,7 отсто од целата актива на македонскиот банкарски пазар;
-нејзиниот капитал и резерви се 20 отсто од целиот банкарски систем;
-„Комерцијална банка“ држи 26,6 отсто од сите депозити на нефинансискиот сектор во Македонија;
-„Комерцијална банка“ оствари лани 24 отсто од вредноста на целиот платен промет во Македонија;
– „Комерцијална банка“ има 11 филијали и 57 експозитури во Македонија;
-„Комерцијална банка“ има деловни односи со 667 банки во 37 земји во светот;
-Депозитите на коминтенти (освен банките) изнесуваат 1,48 милијарди евра
-Комерцијална банка поседува 49 отсто од „Прво пензиско друштво“ фирмата која управува со половина милијарда евра пари на идните пензионери;
-„Комерцијална банка“ поседува 64 отсто од „КБ Публикум“ друштово кое управува повеќе од 50 милиони евра вложени во финансиски инструменти и во депозити
Од горенаведеното излегува дека Чифлиганец направил добра зделка затоа што вложил во банка со големо пазарно учество.