Индискиот премиер Нарендра Моди и јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин денеска свечено ја пуштија во употреба најголемата фабрика за производство на мобилни телефони во светот, во сопственост на „Самсунг“, пренесе МИА.
Фабриката се наоѓа во градот Ноида, град во периферијата на индиската престолнина Њу Делхи и се смета дека е способна да произведе до 120 милиони смартфони годишно. Според „Блумберг“, фабриката ќе произведува телефони од пониска ценовна класа, кои се продаваат за помалку од 100 долари, како и водечки уреди како „Галакси С9“. Индија е огромен пазар на смартфони со над 400 милиони корисници, но населението на земјата од 1,3 милијарди значи дека се уште има многу неискористен потенцијал. Во 2017 година, испораката на паметни телефони достигна 124 милиони, според податоците на ИДЦ“ па само фабриката на „Самсунг“ може да претставува огромен дел од пазарот.