Состојбата во индустријата повторно е „падни – стани“. Во август годинава има намалување на производството во споредба со месец јули за 1,6 отсто. Ова е висок пад ако се знае дека во јули годинава во споредба со јуни индустрискотот производство забележа раст од 3,4 отсто.
Загрижувачки се податоците од рударскиот сектор каде намалувњето е близу 20 отсто за само 30 дена. Индустријата испорачала позитивни резултати од секторите: снабдување со електрична енергија, преработувачка индустрија, производство на тутун, текстил машини и уреди.
Секторот Рударство и вадење камен во август годинава испорача пад на производството за цели 18, 4 отсто. Овој значителен пад на работата во оваа индустриска гранка влијае врз целокупните резултати на индустријата во земјава, со оглед на фактот што кај останатите сектори има раст но тој е минимален, а некаде и незначителен.
Во најновиот извештај на Држвниот завод за статистика, се наведува дека според главните индустриски групи, производството во август 2024 година, во однос на август 2023 година, бележи пораст кај Капитални производи за 28.7 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 34.0 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 8.7 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 14.6 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.0 %. Индексот на индустриското производство во периодот јануари – август 2024 година, во однос на периодот јануари – август 2023 година, изнесува 96.
„Секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 1.3 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 4.6 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Печатење и продукција на снимени медиуми (записи), Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на мебел и Поправка и инсталирање на машини и опрема.“ се наведува во извештајот на ДЗС.
Ваквите податоци само ја отсликуваат реалната состојба на македонската економија. А дека работите не се за пофалба потврди и растот на БДП во вториот квартал од годинава кој изнесува само 2,3 отсто.
Владината проекција е дека тој на крајот на годинава ќе изнесува 2,1 отсто што е навистина на едно минимално ниво ако се споредат очекувањата на нашите соседи кои очекуваат 2024 година да биде отскочна даска за 2025 година кога економските политики треба да дојдат во прв план.
Ставот на македонската влада е дека се преземаат активности кои се насочени кон реализација на капитални инвестиции, се врши притисок да се реализираат проекти за да се поттикне економијата.
Експертите се на став дека само со продуцирање на производи со додадена вредност ќе може да се испорача раст на Бруто домашниот производ од над 5 отсто каков што оддамна се ветува.