Бирократски чин на регистрација кој за пензионерите, но и за други ранливи групи ќе биде тежок и практично неостварлив. Даночните експерти во земјава се согласуваат дека составувањето на првата електронска годишна пријава е ново и модерно решение, но се децидни дека тоа ќе им го „отежни животот„ на тие кои не седат пред комјутер цело време, особено на оние кои воопшто не знаат да работат. Според новите правила, до крајот на годинава, сите граѓани кои оствариле каков било приход мора да се регистрираат за електронска годишна даночна пријава и таму да ги внесат своите примања. Тоа значи дека и пензионерите треба да ги внесат приходите по основ на пензија. И тие но и сите други граѓани мора да влезат во системот за да може управата да им ја изготви пријавата. Аналитичарите кои ги консултиравме велат дека мора да се најде и друг начин на реализација на овие измени, па предлагаат тоа да се прави во банките или дома кај пензионерите на пример.
„ Подготвената е-Годишна даночна пријава, УЈП има обврска по електронски пат да ја достави до секој даночен обврзник-граѓанин на проверка и потврдување. Токму овој механизам на проверка и потврдување, бара од даночните обврзници што остварувале приходи да се регистрираат во електрнскиот систем на УЈП со свое електронско санддаче. Самата регистрација се врши според пропишани правила и процедури со кои се штитат податоците за граѓаните. За жал овие процедури не земаат предвид дека даночни обврзници се и пензионери, потоа дигитално неуки, како луѓе кои се болни дури и слепи, за кои овој бирократски чин на регистрација ќе биде посебно тежок. Ангажирањето на полномошник создава друг вид на обврски за кои треба и да се плати, вели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.
Гацов предлага, заради олеснување на обврзниците, Управата да создаде услови нејзините службеници, користејќи ги веќе активните мобилните даночни шалтери да ги посетуваат овие граѓани за да ги регистрираат на „нивен терен“.
„Во игра може да биде и регистрација на обврзниците-граѓани кај банките, односно кај нотарите, во присуство на службено лице, претставник на УЈП, вели тој.
Е-даночната пријава е ново решение на УЈП. До крајот на годината податоци треба да испратат сите граѓани кои оствариле приход од редовни месечни примања, плата или пензија, но се пријавуваат и дополнителните заработки од капитални добивки, продажба на недвижен имот договори на дело, работа на интернет и слично. Регистрацијата е на системот е-персонален данок, а потоа барањето за регистрација треба да се поднесе на шалтерите на Управата за јавни приходи. Регистрацијата граѓаните ќе мора да ја направат само еднаш, а не како досега секоја година сами да ги поднесуваат пријавите.
УЈП предвидела за тие кои се болни, изнемоштени нои оние кои не знаат да работат на компјутер да можат да ополномоштат помладо лице на нотар па тој за нив да ја врши работата.
Новините предизвикаа негодување кај граѓаните и сите реагираа на социјалните мрежи.