Еден политичар кој за себе говореше дека бил изгубен во времето и ќе го барал семето, молејќи да не му ја чепкаме гитарата и жиците од гитарата, колнејќи се бесрамно во дедовината, татковината, во своите децата, онака мртов ладен, без око да му трепне, тој истиот го слушаме како сакајќи да ја ослови нашата земја при настап на една телевизија на нашиот јужен сосед му се испушти зборот на М… и му беше срам, се исплаши, се пресече и не знаеше до крај да го изговори. Тоа на М, Заев е она што вие го заборавивте, а се вика Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестниот марш во Кавадарци.
-Токму тој човек ни кажуваше како сме си го зачувале идентитетот, како името вечно ќе ни биде, а се уплаши или посрами да го каже гласно. Жално е навистина како овој човек од ден на ден се понижува и себе си и нас, и како самиот запаѓа од еден во друг проблем. Како да нема некој близок до него да му каже доста е, доволно е полека, пенкало не се бакнува, се бакнува името на сопствената земја, таа што те одгледала и ја водиш како премиер, уште не за долго Заев. Покажи малце достоинство, не се поклонувај како да глумиш лик на чирак во македонските народни приказни. Биди горд Македонец, рече Мицкоски и додаде:
„Храбри Македонци, сега кога ве гледам вака насобрани, со гордо кренати глави дојдени овде во Кавадарци, со бајраци на сонцето кој е наш белег, ќе му порачам на Зоран Заев ова е Македонија. Македонија тоа звучно име кое не разликува од другите, кое ни ги зголемува страдањата, ама со гордост го носиме, а гледаме на оној кој прв треба да го брани тешко му е дури да го изговори, па застанува на првата буква на М. Но, затоа ВМРО е тука. Македонија, буквите за кој пишувале великани, Прличев, Мисирков, Коневски, името под чиј бајрак гинеле мажишта, се собрале и илинденците и партизаните за да го имаме ова што го живееме денес, за да може вие да трошите пари за фијаска како тоа што беше вчера“.
Мицкоски потенцираше дека има избор, а изборот е да веруваме во себе и во сопствените капацитети и да сме свесни дека од самите нас зависи како ќе живееме и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи макотрпно за да ги направи горди граѓаните на Македонија.
-Нека не се залажуваат со онакви прослави како онаа вчера, на која учествуваа прелажани уметници, на кои треба да славиме дека сме влегле во НАТО и ЕУ, а всушност сме многу далеку од нив. Во НАТО и во ЕУ не се лажат пејачи да дојдат да свират демек на културна манифестација па после испаѓа дека свират за политички цели, во ЕУ и НАТО не местат тендери за членови на владата или за браќа на премиерите, во ЕУ и НАТО не се возат со воени хелихоптери по приватни ручеци и вечери, во ЕУ и НАТО нема да видите ослободени криминалци или аболирани премиери, нема да видите како градоначалници со комбе шверцуваат цигари… да не се лажеме, далеку сме од ЕУ и НАТО. Таму не се оди со овие луѓе, таму се оди со визија и проекти, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:
„Колку сака Заев нека глуми радост нека бакнува пенкала на еден непристоен начин, колку сака нека се лажат и надлажуваат тој, Димитров и Шеќеринска, но факт е дека пред да влеземе во ЕУ и НАТО прво треба да се смениме самите ние, да размислуваме и делуваме европски, а за тоа да почне треба да дојде една нова генерација на политичари, односно прво треба да раскрстиме со политичарите како што се овие во Владата. Да ги вратиме на буништето на срамната историја. Она што се случува во дипломатијата е само финалето на тој тотален хаос кој се продуцира во секоја сфера од животот. Во економијата, во здравството, образованието, земјоделието, социјалата, во секој еден ресор“.