Компании,Актуелно 28.02.2019 16:11

Награда од Обединетите Нации за Пивара Скопје

Награда од Обединетите Нации за Пивара Скопје

Пивара Скопје ја доби годинешната награда „Предводници на Целите за одржлив развој“ на Обединетите Нации. Со наградата која се доделува во рамки на Проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“, што го финансира Европската Унија, а го спроведува организацијата „Конект“, се потврдува лидерската улога на Пивара Скопје и нејзиниот долгогодишен придонес во постигнување на глобалните цели за одржлив развој, како и за нејзиното значење и влијание врз развојот на домашната економија и заедницата воопшто, соопштија денеска од компанијата.

„Исклучително сме среќни и горди на оваа награда која ја доживуваме како верификација на постојаните, долгорочни вложувања и напори на нашата компанијата и на сите нејзини вработени во остварување на целите за одржлив развој“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје.

За своите досегашни заложби за одржливост, заедно со останатите членки на групацијата Coca-Cola HBC, три години последователно, Пивара Скопје беше рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот, според престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“ (The Dow Jones Sustainability Indices).