Економија 02.05.2018 14:40

Поевтино до кредит – продолжува падот на каматите

Поевтино до кредит – продолжува падот на каматите

Каматите за кредитите паднале за речиси половина процент за една година. Граѓаните продолжуваат да се задолжуваат, просечниот Македонец на банките им должи 1.122 евра.

Годишен пад на каматите за 0.42 процентни поени

Вкупните камати се намалиле за 0.42 процентни поени за една година. Анализите на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека во март 2018-та просечната каматна стапка била 6.09% додека во март 2017-та изнесувала 5.67%.

Каматите за корпоративниот сектор во март во просек изнесувале 5.03%, додека за домаќинствата биле 6.35%.

Истовремено деловните банки извршиле и надолна корекција на каматите што тие ги плаќаат за вложените депозити, во март годинава просечната стапка изнесувала 1.48% додека во март лани таа била 1.65%.

Каматите и за кредитите и за депозитите имаат тенденција на постојано намалување изминативе неколку години. Така во првиот квартал од 2015-та каматната стапка за кредитите во просек изнесувала 7.0%, во 2016-та 6.5%, во 2017-та 6.1%, а во 2018-та 5.7%. За депозитите просечната каматна стапка во 2015-та била 2.4%, во 2016-та 1.9%, во 2017-та 1.7% и во 2018-та 1.5%.

Ваквите трендови се должат пред се и на сигналите на НБРМ која во неколку наврати ја намалуваше основната каматна стапка.

Највисоки камати во Бразил и Малави, најниски во Јапонија и Швајцарија

Ако се спореди со светот, Македонија е некаде на средина во однос на висината на каматните стапки.

Според Global Economy највисока камата за кредит плаќаат жителите на Бразил, фантастични 52.1%. Следуваат Малави и Аргентина со 44.11% односно 31.23%.

Најниски камати имаат Јапонија, Швајцарија и Канада со 1.04%, 2.65% и 2.70%.

12 милиони евра месечно само од камати!

Според Народната Банка (НБРМ) вкупните кредити дадени на домаќинствата во февруари годинава достигнале 2 милијарди 327 милиони и 886 илјади евра. Истиот месец лани оваа сума изнесувала 2 милијарди 117 милиони и 691 илјади што значи дека за една година пораснала за вкупно 210 милиони и 195 илјади евра односно за 9.93%.

Ако се земат предвид податоците од Државната статистика дека Македонија има вкупно население од 2 милиона 73 илјади и 702 луѓе се доаѓа до запрепастувачкиот податок дека еден Македонец во просек има долг од 1.122 евра, но и дека задолжувањето пораснало за точно 100 евра за една година.

Инаку најголем дел од кредитите кои ги имаат граѓаните се денарски (2.185.837.398 евра), а многу помал дел се врзани со девизна клаузула (142.048.780 евра).

Гледано по намена предничат потрошувачките кредити на кои отпаѓа повеќе од половина од вкупната сума или 1 милијарда 165 милиони и 138 илјади евра. Следуваат станбените кредити (562 милиони и скоро 114 илјади евра). Многу помал дел отпаѓа на минусите на картичките, автомобилските кредити и другите задолжувања.

Вкупната камата што секој месец ја плаќаат македонските граѓани за своите банкарски кредити достигнува фантастични 12 милиони и 715 илјади евра!