Актуелно 15.10.2018 13:13

Заев во Собрание како на тезга: Нуди амнестија за 27 април, за да се гласа за договорот со Грција

Заев во Собрание како на тезга: Нуди амнестија за 27 април, за да се гласа за договорот со Грција

Премиерот Зоран Заев повторно го погази својот збор, па така денес на пратениците во законодавниот дом им понуди амнестија за настаните од 27 април во замена за глас за договорот со Грција, иако претходно беше дециден дека законот мора подеднакво да важи за сите.

Како што истакна Заев на седницата на која на дневен ред се ставени уставните измени, а со цел промена на уставното име, поделбите по партиска линија треба да завршат.

– Еве прилика да си простиме, да кажеме доста е. Да покажеме дека учиме од грешките и дека сме пред се луѓе браќа и сестри, роднини и пријатели. Ајде да почеме од тој, 27 април 2017, прва цел бев јас, а после мене и сите пратеници, пратениците од мнозинството, но и од опозицијата. Сите беа на некој начин можна мета и цел на изманипулирани поединци кои насилно тргнаа кон пратениците. Сега навистина е одлична прилика застанувајќи заедно за Македонија и за иднината на Македонија, за нашите деца и за сите деца кои доаѓаат по нас, да си простиме и да се помириме. Нема подобра можност од ова кога си требаме еден на дриг, кога сме и потребни на државата наша и на нашиот народ. Ајде колеги од десната страна, да подадеме рака на левата страна. Ајде колеги од левата страна да подадеме рака на десната страна. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Да седнеме и да го направиме тоа, јас сум подготвен. Знам дека тоа има цена и подготвен сум да ја платам, политичка е цената, истакна Заев пред пратениците.

За потсетување, премиерот на прес-конференција одржана во Собранието, а по повод  годишнината од случувањата во законодавниот дом, имаше сосема спротивен став.

– Не сакам ни да помислам дека некој размислува за такво нешто, закон за амнестија. Верувам дека никој и не размислува, но и ако некој потајно размислува убаво е да се откаже од такво размислување, рече тогаш Заев.

Доколку Заев, како што рече тогаш, помисли и на такво нешто, против него ќе се свртат пратениците, новинарите и камерманите, но и граѓаните.

– Законот мора да важи еднакво за сите, рече Заев во април годинава.