Актуелно 29.08.2018 16:46

Заинтересираните за купување струја на слободниот пазар, ќе треба во ноември да склучат договор со снабдувачот

Заинтересираните за купување струја на слободниот пазар, ќе треба во ноември да склучат договор со снабдувачот

Домаќинствата и фирмите ако сакаат од 1 јануари да купуваат електрична енергија на либерализираниот пазар, ќе треба во ноември да склучат договор со фирма снабдувач. 23 фирми имаат лиценци за снабдување со струја, од кои осум се активни. Оние граѓани и фирми кои нема да сакаат да излезат на слободниот пазар, ќе останат кај универзалниот снабдувач.

„Ако сака да оди на слободен пазар ќе треба и малку порано од декември , некаде кон крајот на ноември да бидат потпишани договорите со малите потрошувачи и домаќинствата“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Процедурата за префрлање на граѓаните и фирмите кај избраниот снабдувач ќе трае дваесетина дена. Ако пак сакаат да се вратат кај компанијата универзален снабдувач, а која ќе ја избере Регулаторната комисија на тендер, ова нема да се плаќа. Од РКЕ велат дека во првата година би биле задоволни доколку има до 1.000 домаќинства на слободниот пазар. Новиот правилник предвидува заштита на ранливите категории ако имаат долг кон снабдувачот.

„Ранливите категории кои што треба да бидат определени од Министерството за труд и социјална политика, на овие ранливи категории на потрошувачи да не може да им се исклучи електричната енергија во зимскиот период“, додава Бислимовски.

Од Министерството за труд и социјала велат дека се уште официјално не добиле вакво барање од регулаторот. Постојат повеќе категории на граѓани кои живеат во социјалнен ризик, и нивните податоци ќе бидат достапни за институциите за спроведување на оваа мерка, додаваат од министерството. Регулаторната комисија предвидува да се заштитат и семејствата кои живеат во руралните средини, бидејќи добиваат струја со слаб квалитет, а и жителите се слабо информирани.

За да се подобрат правата на потрошувачите, регулаторите решија во договорите да не смее да има обврски напишани со мали букви кои тешко се забележуваат пред потпишувањето. Од РКЕ ќе ја намалат давачката за нови приклучоци кон енергетскиот систем кој досега чини 500 евра. Намалувањето според првиот регулатор би бил околку 10 отсто.