Компании 21.12.2018 14:24

Жика Стојановски го претрка Заев во продажба на градежно земјиште

Жика Стојановски, раководителот на општина Илинден, за периодот од почетокот на 2009 до крајот на 2017 година како градоначалник на оваа локална самоуправа продал градежно земјиште во вредност од околу 518 милиони денари, или околу 8,5 милиони евра, објави Заводот за ревизија. Извештајот на успешност го опфаќа целокупниот период додека истовремено трае законската можност на 14 општини да продаваат градежно земјиште за свои потреби.

На второ место е општина Струмица со 265 милиони денари, со тоа што актуелниот премиер Зоран Зеев како градоначалник го опфаќа речиси целиот овој период, освен дел од 2016-та и целата 2017-та кога се посвети на кампањата на парламентарните избори и на водењето на македонската влада.

Стојановски, за разлика од Заев, низ целиот период ја води општина Илинден и е еден од ретките градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ што победи на локалните избори минатогодишната есен. Со сумата од 518 милиони денари Илинден уште еднаш потврдува дека е една од најбогатите и најатрактивните општини за инвестирање во недвижности и на оваа територија постојано никнуваат производни и дистрибутивни центри, како и станбено-деловни површини.

Од сите градоначалници, Заев го држи рекордот на најголем приход од отуѓување на градежно земјиште во една година – 141,5 милиони денари во 2010, на второ место е Стојановски со 121,4 милиони во 2016-та. Трет е Владимир Талески со 82,9 милиони во 2012-та, со тоа што ревизорот критикува дека општина Битола низ годините правела големи издатоци за да ги уреди парцелите пред да ги продаде. Покрај овие тројца, „милионска“ година има и Иван Франгов со 68,9 мил.денари во Гевгелија во 2015-та. Од скопските општини единствено како репрезентативна е земена Кисела Вода, која најголем успех под ова поле има дури во 2009 под водство на Џорџе Арсов со продажба од 38,2 милиони.