Актуелно 15.08.2018 11:44

Стапува во сила забраната, македонските праски нема да се извезуваат во Русија

Стапува во сила забраната, македонските праски нема да се извезуваат во Русија

Од денеска македонските праски нема да се извезуваат на рускиот пазар. И официјално стапува во сила одлуката на Русија со која се стопира увозот поради наводно пронајден црв во пратките.

Станува збор за времена забрана што ја објави Руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола на својата интернет страница, но македонските власти за нејзиното воведување не добија официјално известување.

Причина за тоа, според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, е отежнатата комуникација меѓу двете земји поради новата владина структура во Русија.

– Се уште никој не може да каже колкави се штетите. Да не излегуваме со никакви паушални податоци, туку да бидеме внимателни, апелира вчера Николовски.

Тој најави дека се бара алтернативен пазар за праските што нема да се пласираат во Русија. Како опции ги наведе британскиот, албанскиот и косовскиот. Претставници на британска фирма, рече, се веќе во Македонија и денеска ќе го посетат Росоман за да извршат проценка на родот.

Вчера министерот иницирал средба со руските дипломатски претставници во Македонија. Внимателно, како што нагласи, се прават обиди да им се помогне и на производителите и на откупувачите.

– Засилени се мониторинг контролите на откупните пунктови зашто станува збор за производи што веќе се наоѓаат во откупните центри. Да оставиме Инспекторатот да ги утврди количините на производството тангирано со времената одлука на Русија за време на ограничувањето што стапува во сила од утре, потенцира министерот.

Во меѓувреме, откупувачи од Росоман стравуваат дали повторно ќе им бидат вратени камионите кои моментно се на руската граница. Три шлепери се веќе на пат кон дома.

– Од еден вратен камион губиме 4.000 – 5.000 евра. Тоа е огромна штета. Ако ситуацијата не се реши, не знаеме дали ќе бидеме во можност да ги исплатиме производителите. Праските веќе ги даваме пошто-зошто, 10 до 15 денари за килограм, а ги купувавме по 18 денари. Се носат во Скопје, Албанија и Косово, изјави за МИА Владо Орданов, откупувач и производител на 30 хектари праска, круша, кајсија и грозје во Росоман и Сирково.

Производителите сметаат дека ваквиот потег на Русија е политички зашто досега извезувале без никакви проблеми. – Русија од скоро прави проблем со увозот. Досега пласманот течеше без никакви проблеми. Симптоматично е и тоа што моментно, без никаков проблем извезуваме во Украина, Белорусија, Норвешка, Романија, Хрвтаска и никој не ни прави проблем, вели Орданов и додава дека околу 80 отсто од праските вообичаено одат за Русија.

До кога ќе трае времената забрана за извоз на праски ќе се знае по контролите на надлежните органи од Русија и Македонија кои се во тек.

Руската мерка, освен за Македонија, важи и за Србија. 

МИА