Што е поисплатливо –дрва, струја, парно? Сезоната официјално почнува на 15-ти октомври, но со првиот студ Денар.мк прави анализа и пресметка за сите опции, но нуди и совети како да заштедите. Веќе е крајно време да се одлучите на што ќе се греете оваа зима.
Цените на дрвото со години непроменети
Нема промени на цените во ЈП „Македонски шуми“. Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.470 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари.
Во јавното претпријатие тврдат дека снабдувањето со огревно дрво тече непречено и дека имаат доволни количини за сите кои веќе склучиле договор со нив.
Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 4.000 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.
За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрва. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.
Парното греење поевтино од лани
Веќе неколку години по ред парното греење поевтинува иако минимално. Од први август најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) има пониски цени за 3.10%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 1.13%, а „Скопје Север“ за 0.76%.
Во 2017-та цените паднаа во просек за 2%, а во 2016-та за дури 10%.
Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.
Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.700 денари или 20.400 денари годишно.
Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.
Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.
БЕГ останува главен снабдувач, Град Скопје нема лиценца за мрежата
Иако локалните власти ветуваа па дури и формираа ново јавно претпријатие Градски енергетски системи, главен снабдувач со топлина во Град Скопје останува Балкан Енерџи Груп.
Градоначалникот Петре Шилегов се правда дека не успеале да ја преземат мрежата бидејќи, како што вели, била дивоградба во процес на легализација.
„По легализацијата и запишување на сопственоста, ќе побараме од Владата, мрежата да ни ја даде на користење, со што ќе се стекнеме со услови да можеме да влеземе во постапка за издавање на лиценца за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија“, вели Петре Шилегов градоначалник на Град Скопје.
Главни приоритети на новото јавно претпријатие треба да бидат поврзување на Топланата Север со топловодната мрежа преку изградба на цевковод долг два километра и ширење на мрежата.
Во моментов само 23 % од површината на Скопје е покриена со топловоден систем а на него се приклучени само 17% од домаќинствата или околу 50 илјади домови.
Струјата поевтина за 0.1%
Цената на струјата на 1 јули се намали за 0.10%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 2 денари.
Инаку грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.
Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја.
Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.
Како да се заштеди на греење?
Може да се заштеди и без дополнителни инвестиции и без драстично намалување на квалитетот на животот.
Еден степен постудено, 5% помала сметка. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни. Ова е проста математика за заштеда при греењето. Навечер доволно е температурата да биде меѓу 15 и 17 Целзиусови степени со што би се генерирала дополнителна заштеда, а наутро за кратко време системот за греење би ги постигнал потребните 20 степени.
За вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.
„Сметката во крајна линија најмногу зависи од топлотната изолација. Оние што имаат солидно изградени објекти во секој случај штедат, во вакви временски услови дури и нема потреба од вклучување на системите за греење преку ден, само рано наутро и доцна навечер. Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот“ вели професорот Ристо Цицонков кој е експерт за енергетика и за системи за греење и ладење.
Загубите во топлина во домот пред се зависат од: изолацијата на објектот, квалитетот на вратите и прозорците, процентот на застакленост, ориентацијата и местоположбата.
Изолацијата како најефикасен начин за заштеда на енергија е застапена во само 18% од домовите – најдобро стои скопскиот регион со 29%, а најлошо пелагонискиот со нешто под 7%. 68% од куќите и становите имаат дрвени прозорци, 29% ПВЦ, а нешто над 3% алуминиумски. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.