Бизнисмените подготвуваат план како да се движи маккедонската економија во следниве 10 години. Стопанствениците се на став дека им е потребна поголема соработка со државата. Но, исто така најавуваат дека ќе преземат активности за зголемување на бројот на производствени капацитети од кои ќе излегуваат производи со додадена вредност, а на тој начин би го зголемиле за двојно извозот, но пред се треба да се поттикнат компаниите да се ориентираат повеќе кон надворешните пазари, односно да бидат извозно ориентирани. Клучната порака која ја пренесуваат во јавноста од Стопанската комора е дека властите мора сериозно да се посветат на долгорочна стратегија за развој на економијата и да се престане со дневно политички теми кои на граѓаните не им значат ништо и од тоа немаат никаков бенефит.
За да има „црно на бело“ оваа иницијатива на бизнисмените свој потпис на Декларацијата за општествен консензус ставија повеќе од 100 личности од бизнисот но и од науката кои имаат заедничка цел, а тоа е излез од сегашната состојба во економијата која не е добра. Повеќе од 300 бизнисмени ја потврдија оваа констатација дека не само што е време, туку и се доцни со решавање на приоритетните прашања за Македонската економија. Од Стопанската комора велат дека дека во наредните 10 години со општествен консензус потпишан од сите чинители, сегашни и идни креатори на економските политики треба да се даде приоритет на економијата во однос на политиката, како би се направил неопходниот пресврт. Бизнисмените велат дека со потпишување на договор за меѓусебните односи помеѓу приватниот и јавниот сектор, во кој договор ќе има прецизно наведени носители, временски рокови и останати алатки потребни за неговото спроведување ќе може да се оствари таква значајна работа. Бизнисот смета дека во следните 10 години врвен приоритет треба да биде извозот. Тоа според нив е решението на економските проблеми на една мала земја како што е Македонија.
„Во наредните години двојно да го зголемиме процентот на компании кои извезуваат, од сегашните 5% на 10%. И секако да го дуплираме бројот на производите од 440 производи со компаративна предност да извезуваме двојно повеќе производи, а најголем дел од нив да бидат производи со висока додадена вредност. Како ќе го оствариме тоа? Кај нас во Комората е сосема јасно дека централно место ќе имаат Националниот совет за извоз, Советот на странски инвеститори и Клубот на извозници. Државата заедно со економската дипломатија исто така треба да изврши преструктурирање во економските ресори за да обезбедат директна поддршка на извозните компании, а нашите фирми ќе треба брзо да се преструктурираат и да се ориентираат кон извозните можности. Кога зборуваме за извозот како пример ја имаме Германија која е најголемата економија во Европа и најважен трговски партнер на над половина од европските земји. За нас е број 1. Најголем трговски партнер на Македонија со вредност на извозот од 3.740 милиони евра. Но целиот наш извоз таму се сведува на 10 компании и 10 производи. 87.2% од македонскиот извоз кон Германија го прават 10 компании, а 87.4% од вкупниот извоз е базиран на само 10 производи. На крај, од вкупниот извоз на Македонија во Германија, земјоделско-прехранбениот сектор како еден од нашите најзначаен стратешки извозен сектор учествува со само 1%. Ова е поразително, но од друга страна покажува колкав е нашиот неискористен извозен потенцијал кој како земја го поседуваме и кој сите заедно мора да работиме за да го искористиме!“, велат од Стопанската комора
Владата, ланската година ја најави како година на економско закрепнување, но 2022-та ќе ја паметиме не како година во која ја победивме пандемијата, туку како година во која граѓаните ја изгубија битката со инфлацијата. Кога сите помислија дека животот се враќа во старата нормалност се случи војната во Украина и работите тргнаа во лош правец. Наместо година за економско опоравување, властите мораа да смислуваат мерки и решенија за борба против енормното зголемување на трошоците за живот, компаниите се уште мака мачат за набавка на суровини и материјали за работа по цени кои беа барем приближно исто со оние во 2021 година, но тоа е тешко остварливо. Сега од Илинденска број два велат дека одржливиот економски раст и развој е возможен само со структурни и системски промени, а според властите тие тоа го спроведуваат. Надлежните за економските политики во владата се на став дека и во периодот што следи активно ќе бидат вклучени во поддршка на стопанството преку мерки и програми ќе работат на развој на економијата.
„Еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме е рестуктурирањето на нашата економија. Во 2018 година беше одобрен планот за економски раст којшто е првата мерка коишто ние како Влада ја поставивме со среднорочна развојна компонентна и којашто секако влијае на менување на реструктуирање на нашата економија. За прв пат тогаш почнавме наместо поддршка на инвестициите и само на странските инвестиции да ги поддржуваме сите видови на инвестиции без разлика дали се тие домашни или странски и можам со гордост да кажам денеска дека навистина имаме што да покажаме како исход на оваа променета политика. Ова покажува дека Владата не е фокусирана само во еден од параметрите во економијата, а тоа е растот на БДП како макроекономска категорија, туку клучно е дали се поддржуваат компаниите, бизнисот, дали бизнисот е спремен да одговори на предизвиците за да го донесе толку посакуваниот раст и развој. Сметам дека особено поддршката во производствениот сектор којшто изминатите пет години го имаме направено значително ја има променето целата структура“, велат од Владата
Инаку, во првото тромесечие од годинава Бруто Домашниот Производ е зголемен за 2,1 отсто. Ваквиот – за многумина неочекуван раст на економијата на стартот од годинава се должи пред се на зголемениот обем на градежни активности а со тоа и самиот сектор градежништво испорача раст од речиси 13 отство, а над 10 отсто раст имаат и секторите продажба на големо и мало, транспорт, складирање, поправка на моторни возила, сместување и останати сервисни дејности. Финалната потрошувачка на граѓаните повторно високо котира во учеството на БДП и тоа со безмалку 70 отсто.