Економија 30.06.2023 11:02

Какви се проекциите во Фискалната стратегија за следниве четири години

Какви се проекциите во Фискалната стратегија за следниве четири години

Во Собрение е доставена Фискалната стратегија за 2024 до 2028 година, која ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории на проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Иако со неа се очекува на среден рок нормализација на глобалните движења, намалување на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите трговски партнери што ќе придонесе кон зголемување на надворешната побарувачка и поповолен амбиент за инвестирање. Сепак, самите изработувачи напоменале дека има отстапки од претходните проекции и дека сега изгледите за раст на економијата се помали.

Еден сегмент од стратегијата укажува дека плановите за динамичен економски раст се уште се далеку од реализација. Првично кон ваквите заклучочи води самиот факт што се очекува помал раст на економијата годинава од претходно проектираното, а притоа ниту пак инфлацијата не покажува тенденција за пад како што се очекуваше.

– Економскиот раст во 2023 година се очекува да изнесува 2,5 отсто, што претставува благо ревидирање во однос на претходните очекувања за раст од 2,9 проценти. Домашната побарувачка се очекува да биде главен двигател на растот, во услови на нешто послаба приватна потрошувачка, додека нето-извозот се очекува да има помал негативен придонес, во услови на поумерен раст на извозот и увозот на стоки и услуги – се потеницра во стратегијата.

Притоа се забележува дека оти има остапки од плановите и дека проекциите не се реализирале согласно посакуваното, односно планираното.

– Фискалната стратегија на РСМ 2024-2028 година споредено со Ревидираната Фискална стратегија на РСМ 2023-2027 година покажува одредени отстапувања што се однесува до макроекономските проекции, кои се одраз на неизвесноста и предизвиците со кои се соочува домашната економија поради продолжувањето на војната во Украина, енергетската криза, заострената монетарна политика за намалување на инфлациските притисоци како и ризиците врз глобалната и домашната економија. Во 2023 година се очекува понатамошен раст на економијата, иако со поумерено ниво во однос на претходната проекција – се нагласува во стратегијата.

Со фискалната политика се предвидува етапна фискална консолидација, при што со новите фискални проекции годишното ниво на буџетскиот дефицит е конзистентно со проекциите во претходната фискална стратегија.

– Буџетскиот дефицит е намален како процентуално учество во БДП и тоа: 4,6 отсто во 2023 година, 3,4 проценти во 2024 година, па на 3 отсто во 2025 и 2026 година, потоа 2,8 проценти во 2027 година и 2,5 отсто во 2028 година.

Истовремено, примарното буџетско салдо има тренд на намалување и тоа: 3,2 отсто од БДП во 2023, 1,7 во 2024 година, 1 во 2025 година, 0,9 проценти во 2026 година, 0,6во 2027 година и 0,4 отсто во 2028 година – се наведува во стратегијата.

Притоа се напоменува дека од суштинско значење е учеството на капиталните расходи со над 5 проценти во БДП на годишно ниво, преку кои би се генерирал економски раст и развој.

Стратегијата предвидува забрзување на растот, придвижен од домашната побарувачка, при позитивен придонес и од потрошувачката и од инвестициите, додека нето-извозот се очекува да има негативен придонес.

– Позначителни отстапувања за 2023 година има и кај стапката на инфлација, која е нагорно ревидирана поради тоа што се покажа како поотпорна во однос на претходните очекувања и иако е со надолна тенденција, таа сеуште е на високо ниво во првиот квартал од година. Очекувањата за намалување и стабилизирање на цените на храната и стабилизирање на цените на енергенсите, како и мерките на Владата за намалување на цените на основните продукти ќе придонесат кон забавување на стапката на инфлација во текот на годината. Проекциите за наредниот период не се ревидирани. Помалиот раст на економската активност ќе придонесе кон поумерен раст на бројот на вработени, а содветно на тоа и на стапката на вработеност, додека стапката на невработеност ќе биде нешто пониска во однос на претходно. Во однос на платите, проекциите се ревидирани во нагорна насока, во услови на усогласување на минималната плата во 2023 година, усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, како и очекуван пораст на платите во приватниот сектор – се нагласува во Стратегијата.