Актуелно 22.07.2018 18:53

Револт во стартап заедницата за скандалот со ФИТР

Револт во стартап заедницата за скандалот со ФИТР

Старт ап заедницата бара „peer-to-peer“ , односно отворено презентарење пред останатите апликанти или стартапи како отворено „жири“ или комисија за оценка, т.е проверка на вистинитоста и издржаноста на иновативноста на проектите добитници на грантови од ФИТР, дознава Економски.мк, од сигурни извори.  Заради сомнежи во процесот на избор и доделување на грантовите на компании на последниот повик на ФИТР,  се појави иницијатива за отворена проверка, односно реевалуација на проектите и процесот од страна на самата бизнис и старт-ап заедница со цел да се одвојат оние кои навистина имаат „победнички“ проекти, од оние за кои целата заедница е согласна дека се неосновано доделени грантови.

По низата коментари и обвиненија за скандалот со доделувањето на грантови на фирми кои се во сопственост на владини функционери преку државниот Фонд за иновации во текот на вчерашниот ден, денес таква иницијатива се појави и во бизнис и стартап заедницата, која ги повика сите медиуми како и најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат на овој настан и да го проследат јавното ре-евалуирање на проектите. Иницијаторите го нарекуваат Redemption moment односно Момент на покајание, т.е обелување на образот пред заедницата од која извираат.

Ваквата иницијатива, според информациите на Економски.мк, предизвикала  опширна дискусија меѓу членовите на бизнис и стартап заедницата, па во таа дискусија, некои од членовите го реафирмираат барањето упатено до Јавното обвинителство да покрене истрага околу овој скандал, а некои конформистички стојат во бледа одбрана на процесот спроведен од страна на ФИТР со образложение дека толку е капацитето на општеството и евалуацијата била соодветна на степенот на развој на иновацискиот и инвестицискиот циклус во државата.

Најголем дел од оваа заедница на млади ентузијасти, брилијантни умови и нескротливи иноватори забележува на скапиот процес на аплицирање, недоследноста во процесот на евалуација, кражба на идеи на апликантите и сомнителен избор на добитниците. Дел од учесниците во ваквата дискусија го оценуваат аплицирањето како „sunk cost“ односно „пропаднат трошок“, а дел изразуваат и огромно разочарување и демотивираност заради кражби на идеи и обезвреднување на придонесот кон заедницата, а обидите за девалвирање на ваквите очајни заклучоци паѓаат во вода пред несоборливите факти и бројни примери со кои оваа заедница се соочува. Дел од оваа заедница забележува и дека ваквиот скандал не е доволно медиумски третиран, односно дека многу малку текстови сретнале низ дигиталните и печатените медиуми кои зборуваат за овој скандал.

Mеѓу  оние кои го коментираа овој скандал е и поранешниот потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски, кој искоментира дека дури и на обични наградни игри (Рамстор, Веро и милион други), кај што се работи за приватни пари, не смеат да учествуваат вработените и нивните семејства, а не пак на тендери за грантови од илјадници евра државни пари!! Во текот на вчерашниот ден и ВМРО-ДПМНЕ јавно го повика Јавното обивнителство да го преземе овој случај во свои раце за да конечно Кочо Анѓушев одговара пред органите на прогонот.

Останува да видиме, како ќе се развива оваа иницијативаи дали бизнис и стартап заедницата во Македонија ќе успее да се избори за расчистување на овој скандал и сомнежите околу доделувањето на средства од страна на Фондот за иновациии и технолошки, сепак ваквата иницијатива со оглед на тоа дека доаѓа од заедницата која е суштински столб на вкупниот процес, односно носител на креирањето на работни места, економски развој и одржливост на државниот буџет кој црпи средства  и know-how токму од оваа заедница, ваквата иницијатива треба да биде проследена со внимание  и должна почит кон изворните креатори на вредност односно токму бизнис и старт ап заедницата, коментираат дел од луѓето.