Актуелно 13.12.2018 11:26

Грците задоволни од уставните измени – посебно од бришењето на македонското малцинство

Грците задоволни од уставните измени – посебно од бришењето на македонското малцинство

Грчки владини извори за за „Скај“ и „Катимерини“ објавија дека со клучниот член од Уставот со кој македонското малцинство се перцепира како дијаспора, Скопје усвои текст кој одговара на одредбите на грчкиот устав за грчката заедница и е во духот на Преспанскиот договор, пренесе Фактор.

– Приврзаноста на премиерот Зран Заев кон Преспанскиот договор останува. Овој развој, исто така, докажува дека договорот вклучува ефикасни заштитни мерки кои, кои по интервенциите од страна на грчката страна и меѓународната заедница, не оставаат простор за било какво погрешно толкување. – заклучија владините кругови.

Во изминатите два дена премиерот Алексис Ципрас и заменик-министерот за надворешни работи, Јоргос Катругалос, предупредија дека Атина не е обврзана да го одржува договорот од Преспа ако Скопје не остане целосно посветено на Преспа.

Четирите амандмани се очекува да бидат ставени на гласање во Собранието на 15 јануари. Ова е трето и последно гласање, каде што на владата на Заев му е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 места. Во пракса, ова значи дека повторно ќе биде потребна поддршка од осумте пратеници на опозицијата кои веќе гласаа за отворање на уставните амандмани.

Ако процесот биде завршен, договорот ќе биде поднесен на ратификација од страна на грчкиот парламент, каде што треба да се одржи гласањето во март.

Владата на Република Македонија, на вчерашната 108-ма седница, го усвои финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот и истиот го достави до Собранието.

Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на Амандманот 36 којшто сега гласи „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ: Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“

Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.